Седум години од Преспанскиот договор – на денешен ден пред седум години, во Нивици, со амин од Заев и Ципрас потпис ставија Димитров и Коѕијас. Наместо иднина, Македонија доби ново име, но ветениот пат кон ЕУ и понатаму остана блокиран.
Документот што требаше да ѝ ги отвори вратите на Македонија кон Европа, во реалноста ѝ ги затвори сите порти на достоинството.
Од цврсти позиции за неменување на Уставот, до прифаќање на новото име за севкупна употреба. Преговорите кои изгледаа дека ќе нема крај завршија за неочекувано кратко време.

„Да живее Република Северна Македонија“, изјави Зоран Заев, поранешен премиер.
Дали Македонија можеше да излезе како победник со зачувано име и идентитет, по 2018 година? Поранешниот грчки премиер Ципрас на неодамнешната конференција во Атина, призна дека ако тогаш не се потпишел договорот, притисикот на ЕУ денеска ќе бил кон Грција.
„Гледајќи што се случува во поширокиот регион, има конфликт, војна на северот и уште една во Газа. Па се прашувам, ако денес кога дури и скандинавските земји, Швесдка и Финска, сакаат да се приклучат на НАТО, што ќе беше притисокот врз Грција, без оглед на тоа кој е на власт, ќе бевме под притисок да го прифатиме името, уставното име на нашата соседна земја“, изјави Алексис Ципрас – поранешен премиер на Грција.
И покрај минималната излезност на референдумот и јасното „не“ од народот, тогашната власт на СДСМ го протна договорот во Собрание. Го избриша македонското име под притисок, со надеж за ЕУ и НАТО. На референдумот во 2018 година излегоа 36,9 проценти од граѓаните.
„Согласно утврдениот резултат од гласањето на референдумот 2018 година одлуката не е усвоена“, изјави Оливер Дерковски – претседател на ДИК 2018 година.
Промената на името сепак се продаваше како триумф.
„Мора малку да бидеме насмеани, нели насмеани. Слушаш, малку фаците да ни бидат насмеани, нели. Ние денес сме скроз згужвани, не сме за… Па знам, не очекував дека…“.
Влеговме во НАТО, но останавме заглавени пред вратите на ЕУ. Прво француско вето, потоа бугарско. Грција слави, СДСМ слави, Европа молчи. А Македонија брои години во понижување. Иако народот рече „не“ и волјата му беше јасно изразена, оставката и предвремените избори што ги најавуваше тогашниот премиер Заев – никогаш не се случија. Наместо тоа, тој го прекрши дадениот збор. Следуваше експресно обезбедување на мнозинство за изгласување на уставните измени. Со рекордна брзина беше завршен целиот процес на промена на името на државата. Осумдесет и еден пратеник, дел со сериозни судски товари, дел под силен притисок – дадоа зелено светло за „Северна Македонија“.
„Крсто Муковски ЗА, Емилија Александрова ЗА“
Седум години од договорот од Преспа, наместо прогрес – само прескокнати ветувања. Во историјата ќе остане – Македонија плати висока цена, за ветување што никогаш не стигна.
