Задоцнета и нејасна реакција на Уставниот суд. Судиите требаше да реагираат веднаш, уште пред две години кога во Собранието СДСМ и ДУИ ги протуркаа и повеќе од спорните измени во кривичниот законик. Според познавачите не е доволно што првиот човек на Уставен Дарко Костадиновски, кажа дека измените донеле непоправлива штета за правната држава и правниот поредок. Адвокатот Драган Пешевски за Алфа вели уште почудно е што Уставен му дава рок од шест месеци на Собранието да ги поправи штетните промени. Според него единствено што требало да направат е веднаш да поништат законот.
-Уставниот суд требаше да реагира веднаш, ова сметам дека е задоцнета реакција и не само што е задоцнета туку е нејасна. Што сега законодавниот дом во ваква ситуација може да поправи, да си го оддонесе законот кој што си го изгласа, не. Тоа требаше да се направи многу порано и Уставниот суд не требаше да донесе вакви одлуки како и секогаш и да се плаши да пресече, туку треба веднаш и тоа не да го укине, туку да го поништи законот, со друго зборови како никогаш да не постоел и да не правни последици кај истиот, укинувањето може да донесе до нови проблеми, изјави Пешевски.
Уште кога експресно беа изгласани спорните измени, имаше жестоки реакции во јавноста, дека тогашната власт со измените се обидува да се спаси од високи затворски казни за сторен криминал. Според Пешевски уште поспорно е што законот го гласале пратеници, за кои постои сомнеж дека биле вмешани во прекршување на законите.

-Пазете уште кога се донесуваше законот беше спорно и уште тогаш се виде дека се влегува во темелните вредности на Уставот на Македонија. За законот гласаа лица кои што беа обвинети за членот за кој што гласаа да се промени. Односно со нивното гласање они се амнестираа од кривична одговорност, тоа ако е еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите, не знам што е, изјави Пешевски.
Измените во кривичниот законик во Собранието поранешната власт си ги изгласа експресно за само два дена, а потпиша и тогашниот претседател Стево Пендаровски. Тоа предизвика жестоки реакции како кај правната фела во државава, така и кај Европската комисија, бидејќи промените се однесуваа на членови кои ги ублажуваат казните кои се однесуваат на функционери, службени и одговорни лица во јавни претпријатија и установи.
Матеја Петровски
