Во изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10д што ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ во ноември 2025 година биле ангажирани 2131 лице (вработени на изведувачот, на подизведувачи и индиректни даватели на услуги и на специјализираните изведувачи) како и 1290 вкупна опрема, покажува Извештајот од надзорот за прогрес на работите за ноември 2025 година , објавен на веб страницата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП).
Според Извештајот, во ноември лани на изведувачот му се исплатени 1.149.367.247 денари. Вршени се претежно геотехнички истражувања, проектирање и изработка на технички спецификации за автопат, проекти за експропријација, привремено управување со сообраќајот, уривање и отстранување на постојни објекти и други елементи на патот, како и градежни активности главно за земјени работи, одводнување и објекти.

Извештајот покажува дека геотехничките истражни работи се завршени на првата делница Тетово-Гостивар, а во тек се на Гостивар-Букојчани и Прилеп Битола. На тие делници, на терен има активности за земјени работи, конструкции и одводнување. За третата делница Струга Требеништа почната е изработка на студија за оценка на влијанието врз животната средина и социоекономските аспекти (ESIA-Environmental Social Impact Assessment).

Има активности на седум мостови, осум натпатници и три потпатници. Заклучно со крајот на ноември 2025 година, изведени се повеќе од 4,9 милиони метри кубни ископ и 1,45 милиони метри кубни насип. Исто така и 20.500 метри колови, а за конструкции се изведени 63.000 метри кубни бетонски работи. За одводнување изведени се 13.000 метри кубни бетонски работи – покажуваат податоците од Извештајот.
Во текот на 2025 година на Конзорциумот „Бехтел и Енка“ исплатени се вкупно 147 милиони евра. За годинава, според најавите, планирани се 103 милиони евра.
Како што изјави директорот на ЈПДП Коце Трајановски, досега на Делница 1, Тетово-Гостивар, достапни за работа се 13 километри од 17,5 километри, на Делница 2, Гостивар-Букојчани, достапни се 9,6 километри од 31 километар, а на Делница 4, Прилеп-Битола, достапни се 22 километри од 40 километри.
– Клучни активности во 2026-та ќе бидат овозможување на пристап и можности за изведбени работи на вкупните должини по трасите на делниците 1,2 и 4. За Делницата 3, Требеништа – Ќафасан, во процес на изработка е сериозна документација која ќе даде точни насоки за заштита на биодиверзитетот и културното наследство при утврдувањето на трасата за оваа патна делница – најави Трајановски.
Четирите автопатски делници што се дел од проектот се со вкупна должина од 109 километри за кои треба да се изгрдат 24 потпатници, 34 натпатници, како и мостови во вкупна должина од 4,500 метри.
