Сите градежни зафати во објектот биле изведени нелегално, без проектна документација, без стручен надзор и без одобрение од надлежните институции – истакна вештото лице Маријана Лазаревска на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Според неа, промените не може да се третираат како надградба, доградба или адаптација, туку претставуваат реконструкција за која е задолжителна целосна законска постапка, што во случајот не била спроведена.
Лазаревска посочи дека пренамената од магацин во угостителски објект значително го зголемила товарот врз конструкцијата и директно влијаела на безбедноста. Во објектот биле изведени челични столба и греди, надворешни скали и натстрешник. Во 2012 година постоеле челични галерии со пристап преку скали, кои во 2024 биле отстранети, а на задниот ѕид била оформена бина. Внатрешните столбови биле маскирани со гипс‑картон, а потпокривот изведен со стаклена волна, гипс-плочи и полиуретански сунѓер, материјал кој целосно изгорел во пожарот.
Како единствен документ што личел на проект Лазаревска го наведе документот изработен од „Венци“ ДООЕЛ Кочани, кој ја третирал промената на намената во угостителски објект – кабаре. Но, според неа, документот не ги содржел законските фази, не бил поднесен во Општината и ниедна од предвидените мерки не била изведена. И покрај тоа, бил користен во постапки од две институции – Државниот пазарен инспектор во 2012 година и МВР – СВР Штип при издавање согласност.

На прашање од Обвинителството дали во документацијата се споменува вградување полиуретански сунѓер, Лазаревска одговори дека никаде не го сретнала тој термин.
Лазаревска наведе дека според геодетскиот елаборат од 16 март 2025 година, габаритот на објектот не се менувал со текот на годините, а површината континуирано изнесувала околу 472 м².
– Ова значи дека објектот никогаш немал површина помала од 300 квадратни метри, а таа бројка е исклучително важна за определување на категоријата на угостителскиот објект – рече Лазаревска.
Според неа, објект со таква површина не може да се третира како кабаре бидејќи не го исполнува пропишаниот услов за таа категорија. Дополнително, начинот на користење на просторот, организацијата, просторијата за гости и внатрешната опрема укажуваат дека објектот, според своите карактеристики, припаѓа во категорија диско‑клуб, а не кабаре.
На паузата од судењето Александар Наунов во име на семејствата на загинатите млади лица истакна дека по 17 месеци борба за вистината, градежното вештачење и сведочењата на стручните лица уште појасно ги откриваат долгогодишните пропусти и непостапувања.
– Клопчето се размотува, а одговорноста сè повеќе се зацврстува. Болно е да се слуша сето ова, но ни дава надеж дека вистината, конечно, излегува на виделина – рече Наунов нагласувајќи дека утврдените факти се презентираат стручно, јасно и аргументирано, што им дава сила да веруваат дека правдата е достижна.
Тој ги охрабри вештаците да продолжат професионално и независно да го изнесуваат она што го утврдиле истакнувајќи дека семејствата стојат зад секој стручњак, кој со интегритет придонесува за откривање на целосната вистина.
– Не бараме ништо повеќе од вистината, но нема да прифатиме ништо помалку од неа. Фактите зборуваат, а одговорноста мора да добие име и презиме – додаде Наунов.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

