Инвестициониот циклус во Македонија продолжува. Покрај компаниите кои веќе работат и создаваат нова вредност, во периодот што следи ќе се реализираат нови значајни инвестиции, а паралелно Владата води преговори со нови компании кои имаат интерес да инвестираат во нашата земја – истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Велјановски на денешната прес-конференција.
Целта е да привлечеме инвестиции кои носат ново производство, современи технологии, добро платени работни места и поголем извоз, а истовремено да ја диверзифицираме економијата и да не зависиме само од една индустрија.
Една од значајните нови инвестиции е инвестицијата на „Џаво Отомотив“ во ТИРЗ Тетово. Станува збор за мултинационална компанија, со повеќе од четири децении искуство во автомобилската индустрија, производител на безбедносни системи, контролни кабли и механизми за водечките светски производители. Во периодот од 2026 до 2030 година, компанијата планира да инвестира околу 20 до 21 милион евра, а според бизнис-планот се очекува отворање на 400 до 500 нови работни места. Планот предвидува и извоз кој би достигнал околу 45 милиони евра годишно.

Во ТИРЗ Скопје 1, започна изградбата на новата фабрика на „Чагатај Кабло“. Инвестицијата е вредна околу 6 милиони евра, ќе опфати производствен објект од 10.000 квадратни метри и ќе овозможи до 200 нови работни места.
Особено значајни се и инвестициите во современи и високотехнолошки индустрии. Во ТИРЗ Кичево започна изградбата на фабриката за електронски батерии за автомобили на белгиската компанија „Avesta Battery and Energy Engineering“, додека германската „BMZ Group“ реализира инвестиција од 65 милиони евра во производство на литиум јонски батерии, со планирани 700 нови работни места. Во оваа група се и инвестицијата на „Епсотех“ за развојно истражувачки центар и инвестицијата на американскиот „Вебтек“ за производство на сопирачки за шински возила.
Она што особено радува е што инвестицискиот интерес се шири надвор од автомобилската индустрија. Една турска и една германска компанија од областа на високите технологии потврдија дека ќе инвестираат во Македонија. Нивните вкупни инвестиции се очекува да достигнат околу 80 милиони евра, со околу 1.000 нови работни места и заеднички извоз од над 200 милиони евра.
Со три странски компании се завршени преговорите за инвестиции и отворање фабрики во Македонија. Станува збор за компании од автомобилската индустрија, високите технологии и фармацевтската индустрија.
Паралелно, Владата преговара со уште околу десет компании од различни сектори, меѓу кои високите технологии, автомобилската индустрија, енергетиката и други индустрии со висока додадена вредност. Целта е овие разговори да ги претвориме во конкретни инвестиции, нови производствени капацитети и нови работни места.
Во телекомуникацискиот сектор, компанијата „4iG“, која ја доби дозволата за трет мобилен оператор во Македонија, планира да инвестира повеќе од 100 милиони евра во развојот на новиот оператор, што ќе значи поголема конкуренција, нови услуги и дополнителни можности за граѓаните.
Овие инвестиции се потврда дека Македонија станува поатрактивна дестинација за долгорочни, стратешки и технолошки напредни инвестиции.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ги поддржува домашните компании, но и да ги отвораме вратите за странските инвеститори кои сакаат да произведуваат и да создаваат во Македонија.

