Наместо да прифатат обединување за реформските закони и европскиот пат на Македонија, СДСМ упорно инсистираат на Бугари во Устав. Дури и ликуваат, па продолжуваат да одбројуваат за исполнување на законите од планот за раст, за кој патем е потребен консензус и соработка и од нивна страна.
-Уште само 6 дена остануваат до 1 јуни, рокот што самиот Христијан Мицкоски си го постави за целосно исполнување на Реформската агенда и клучните обврски за продолжување на европскиот пат.Клучно за продолжување на европскиот пат се уставните измени и внесувањето на малцинствата во Уставот, обврска без која нема помрднување од мртва точка. Без тоа, нема отворање на следната фаза од преговорите, нема членство во ЕУ, нема ништо, велат од СДСМ.
СДСМ одбројува но во истовреме и блокира повеќе реформски закони во Собранието. Партијата на Филипче реши да ја напушти работната група за изборниот законик, а како последно и да не учествува во собраниската расправа за задолжувањето од 260 милиони евра, со кое се предвидени средства за повисоки плати, пензии, капитални проекти но и враќање на стари долгови.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат дека СДСМ упорно опстојува на планот да работат за бугарски интереси. Нарекувајќи го Венко Филипче специјален пратеник на Румен Радев, реагираат дека тој преку Рубин Земон бил во директна соработка со Виктор Стојанов, кој е персона нон грата во Македонија, поради своите антимакедонски ставови.
-Филипче е соработник со човек кој ја негира Македонија, односно вели дека сме еден народ со Бугарите во две држави. Филипче е соработник со човек кој ни го негира идентитетот, јазикот, културата и историјата. Филипче е директен соработник на Бугарија во Македонија, преку бугарските мисии на министерката Петрова Чамова. Специјалниот бугарски пратеник во Македонија, Венко Филипче е единствениот кој бара внесување на Бугари во Устав без гаранции дека тоа е последниот чекор за влез во ЕУ. Венко Филипче со ваквиот однос кон Македонија си ја запечатува својата политичка кариера, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски.
Колку и каде е Македонија со сработеното во делот на реформите, покажуваат 65,7 милиони евра од планот за раст на Западен Балкан. Македонија според Брисел е втора во регионот по спроведување на реформската агенда која треба да продолжи и во наредниот период. Владата повеќепати порача дека се држи цврсто на овој курс. Дека промените се очигледни потврди и евроамбасадорот Михалис Рокас кој изрази задоволство и очекување дека прогресот ќе биде нотиран и во претстојниот извештај на Европската комисија за напредокот на државата.
Матеја Петровкси
