Од недела Македонија останува без претседател на Уставен суд. Ни по шест обиди не се изгласа замената за Добрила Кацарска, чиј мандат заршува на втори јуни. Ниту Татјана Васиќ Бозаџиева, ниту Ана Павловска Данева не го добија потребното двотретинско мнозинство за избор. Нов, најмалку седми обид ќе има во понеделник, откако денеска уставните судии, по два обиди решија на пладне да го завршат работниот ден, а по викенд одморот ќе продолжат со работа.
-Во два наврати судиите гласаа за предложените кандидати, при што ниту еден од кандидатите не го доби потребното мнозинство. Со согласност на сите судии беше договорено седницата за избор да продолжи во понеделник на 3 јуни. Мандатот на претседателката Добрила Кацарска истекува на 2 јуни 2024 година, велат од Уставен суд.
Во текот на вчерашниот ден имаше четири неуспешни обиди. Според информациите на Алфа во сите шест круга резултатот е ист, 5 гласа уставната судијка Татјана Васиќ Бозаџиева, а четири за Ана Павловска Данева. Гласањето е тајно, на состанок кој е затворен за јавноста.

Според деловникот постапката ќе се повторува додека не се избере претседател. Мандатот на Кацарска завршува во недела, кога Уставен ќе остане без претседател, бидејќи нема право на реизбор, а нема заменик, ниту можност за вршител на должност.
Матеја Петровски
