Рекорден раст на бројот на патници бележат двата македонски аеродрома во првите четири месеци од годинава. Според ТАВ Македонија, аеродромите во Скопје и Охрид од јануари до април опслужиле над 1,2 милиони патници, што е зголемување од 32,4 проценти во споредба со истиот период лани.
Реализирани биле повеќе од 8.100 летови, што претставува пораст од 10,7 проценти на годишно ниво. Од ТАВ Македонија велат дека со ваквите резултати, македонските аеродроми се меѓу најбрзо растечките во Европа. Според генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, силниот раст е резултат на проширувањето на мрежата на авиолинии и соработката со Владата.
Тој најави дека годинава ќе бидат отворени вкупно 12 нови дестинации од Скопје и Охрид, со што се очекува дополнителен раст на патничкиот авио-сообраќај до крајот на годината.
