Целата тајна полиција и разузнавачкиот систем со години бил ставен во функција против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, а се со цел задржување на СДСМ на власт, обвинуваат од владејачката партија. Пратеникот Бране Петрушевски вели дека актуелниот премиер, пет години бил таргет на Агенцијата за национална безедбост и Агенцијата за разузнавање, бил следен, прислушуван и секој негов чекор бил документиран. Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека одговорност мора да има и овој случај не смее да помине неказнето.
-СДС преку АНБ и АР воделе политичка битка. Службите за безбедност и разузнавање биле целосно злоупотребени. И сега кога се фатени на дело, СДС наместо да се извинат, продолжуваат да сеат магла. Целиот систем на СДС е демаскиран. Злоупотребени се АНБ и АР, но и ЈО, кое преку Љупчо Коцевски ги следело мерките. Не е чудо, што народот има 2% доверба во судството и обвинителството, изјави Петрушевски.
Иако станува збор за документи и материјали кои што биле обработувани од тајната полиција, што значи дека поради сензитивноста можеби и не требада бидат објавени, од СДСМ уште еднаш побараа нивна декласификација. Пратеничката и поранешна министерка за одбрана Славјанка Перовска, вели дека имало законски основи за такво нешто.

-Докази нема, детали нема, само штуро соопштение и бледи изјави кои упатуваат на скриените мотиви на власта, а тоа е овој случај да го злоупотребат и да го претворат во манипулација. Декласификацијата е чекор кон обелоденување на вистината, а не манипулацијата. Декласификацијата ќе ги даде одговорите на сите прашања кои изминативе денови се поставуваат, а власта избегнува да ги одговори, криејќи се зад класифицираните документи, изјави Петровска.
Од Обвинителството соопштија дека веднаш по примените известувања од АНБ, бил отворен предмет за овој случај, но повеќе детали не може да се откриваат поради сензитивноста и тајноста на документите. Инаку, сегашното раководство на Агенцијата за национална безбедност, по внатрешната контрола, уште пред еден месец испратила до обвинителите три известувања дека претходниците во агенијата, наместо да ловат терористи и да спречуваат останати закани по безбедноста, отварале предмети и ги следеле лидерот на опозициската партија, еден јавен обвинител, бивш министер, новинари и медиуми. Според некои извештаи, мала група во АНБ „ја киднапирала“ институцијата и ги користела ресурсите за лични и политички цели, вклучително и за влијание врз притвори и како и издавање на безбедносни сертификати. Во тој период републички јавен обвинител беше Љубомир Јовевски, но надележен за проверка на посебните мерки бил сегашниот шеф на обвинителството Љупчо Коцевски. Во овој момент, обвинителство единствено соопшти дека е отворена предистрага.
Матеја Петровски
