Реклама
Прилози

Судење за „Пулс“ – нови сведочења за кобната ноќ и за работењето на клубот

Ново рочиште – нови тензии во судот во Идризово. Несогласувања, тага, потресни…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Ново рочиште – нови тензии во судот во Идризово. Несогласувања, тага, потресни сведоштва. Продолжи судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Со еден час задоцнување поради полицискиот спровод од Тетово, рочиштето започна со реакции во судницата и барање за објаснување од судијката Дијана Груевска Илиевска. Таа повтори дека редот и дисциплината се услов за водење на постапката, откако и на претходните рочишта имало нарушувања.

Бранителката на првообвинетиот, Ивана Коцевска предложи при следно нарушување јавноста да биде исклучена, а судијката најави санкции согласно процесните правила.

Дополнителна тежина имаше и фактот што рочиштето се одржа по „Маршот на ангелите“ во Кочани, на кој транспаренти предизвикаа реакции. Коцевска тврди дека бил злоупотребен нејзиниот лик и побара институциите да реагираат, додека дел од родителите наведоа дека не посочиле никого по име и дека станувало збор за протестен собир.

Реклама

Единствено вие, адвокатке Коцевска, излегувате со тврдење дека сте биле лично засегнати. А зошто? Ние, семејствата, не ве спомнавме, не ве нападнавме. Ние се бориме за вистината и за изгубените животи на нашите најмили. Ние организираме марш – тивок, достоинствен чин – за луѓе кои бараат правда. Тоа не е штрајк како вашиот, не е напад кон вас, а најмалку повик против адвокатурата“.– вели Александар Наунов, татко на починатата Надица Наунова.

По утврдување на ред во судницата, рочиштето продолжи со слушање сведоци на Обвинителството.

Прв сведочеше Кристијан Панов, 20-годишен жител на Кочани, кој преживеал во пожарот. Неговиот брат Андреј починал во трагедијата. Кристијан раскажа дека настанот се случил кога излегол да запали цигара. Настанала голема гужва пред единствениот влез-излез од локалот.

„Влегов внатре да го барам брат ми. Светев со телефонот. Падна нешто врз мене и се распрсна. Излегов, па се вратив. Брат ми го најдов кај вратата, некој веќе го имаше извлечено. Го препознав по тетоважите. Ме упатија дека во собата број два се тие што не дишат. Се обидоа да го реанимираат, се обидов и јас, но без успех.“– вели Кристијан Панов, брат на загинатиот Андреј Панов.

Во сведочењето, Панов наведе дека работел како келнер во „Пулс“ за дневница од 1.500 денари, неговиот брат како шанкер за 2.000 денари, и дека и двајцата не биле пријавени. Тој опиша дека и претходно настанувале настапи со запаливи сценски факели, дека во објектот имало малолетни лица, и дека обезбедувањето стоело на единствениот влез-излез.

Како втор сведок се појави Иван Данаилов, кој исто така преживеал во пожарот. Тој опиша  момент на стампедо на скалите, кој според него настанал кога некој се сопнал.

„Успеав да стигнам до скалите, но некој се сопна и сите колективно се струполивме. Паднавме едни врз други. На последната скала се обидов да станам, но нозете ми беа приклештени. Во тој момент се појави Столе од обезбедувањето, кој ме извлече од метежот и јавно сакам да му се заблагодарам.“– вели Иван Данаилов.

Данаилов истакна дека во дискотеката влегувал уште како малолетник, од 16-годишна возраст..  Судскиот процес  продолжува со сослушување на сведоци.