Реклама
Македонија

🎥 Стојановски: Скандалот со прислушување се граничи и со државен удар

„Аферата со прислушкувањето се граничи со државен удар“ – изјави пратеникот од…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

„Аферата со прислушкувањето се граничи со државен удар“ – изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски. Пратеникот вели дека ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност за наводите дека во времето кога СДСМ беше на власт, државните служби незаконски следеле опозициски политичари, новинари и обвинители, користејќи ресурси на државата.

 Се работи за тоа дека Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање во периодот од 5 години помеѓу 2019 и 2024 злоупотребувала државни ресурси за оперативно следење и оперативна обработка на лидерот на опозицијата, на бизнисмени, на новинари, на медиуми. Јавното обвинителство одбива да даде повеќе информации, ние не знаеме дали ќе биде оформен предмет. Ваков сериозен скандал се граничи и со државен удар, бидејќи вие ако злоупотребите една ваква служба и ресурсите на државниот систем, за да правите опсервација на лидерот на опозицијата, бизнисмени, на новинари, без претходно да имате добиено дозвола согласно законите од Обвинителството, вие правите и државен удар. Треба тие лица кои тоа го дозволиле и коишто тоа го знаеле да бидат повикани на одговорност и да се запрашаат – рече Стојаноски во гостување на телевизијата Њузмакс Балканс.

Стојановски вели дека аферата отвора клучни прашања – кој дал наредба, по кој критериум биле избрани тие лица и во чии раце завршувале информациите.

Реклама

– Тука се отвораат и многу посериозни прашања, прво кој ја дал наредбата овие лица да бидат обработени, второ како токму тие лица биле избрани, трето каде овие информации завршувале, во чии раце, зошто било тоа направено и на крај која е главната цел на тој што бил наредбодавач. Сметам дека ова е еден од многу сериозните скандали што се случувале во режија на разузнавачките служби во оваа држава – вели Стојаноски.

Од СДСМ, пак, тврдат дека нема афера, туку дека власта на ВМРО-ДПМНЕ сака да креира приказна.

 Е афера или не е афера? Се прекршиле ли законите во овластувањата или не? Како се прави тоа? Со декласификација на целокупниот материјал. Притоа не се потребни ниту судски одлуки, ниту ништо. Материјалите, согласно законот, може да ги декласифицира институцијата којашто претпоставувам ги класифицира, а тоа е самата Агенција за национална безбедност. Значи од Агенцијата за национална безбедност и директорот зависи тие материјали дали ќе се декласифицираат или не. И ние бараме да се декласифицираат, да видиме кои луѓе биле пратени, кои групации и зошто. Да видиме дали имало прекршување од кого било од тогаш надлежните функционери поставени во времето на СДСМ, вели Филипче.

Но и покрај барањата, Обвинителството сè уште не дава конкретни информации. Од таму нема конкретни информации за скандалот што уште повеќе го зголемува сомнежот за заташкување на случајот. И додека политчката јавност ја тресе уште една афера со следење  и прислушување, во Собранието, пак, Комисијата за надзор над работата на АНБ и Агенцијата за разузнавање не може да почне со работа. Седницата беше закажана за 5 септември во 11 часот, па одложена за истиот ден во 17 часот, но во двата случаи беше откажана. Новата најава е за среда, 10 септември, во 10 часот. Претседател на Комисијата е пратеникот Скендер Реџепи, кој иако нема безбедносен сертификат, вели дека моделот треба да биде како во Словенија – со самиот мандат пратениците да имаат пристап до доверливи информации.

Скандалот со прислушкувањето е сериозен удар врз довербата во институциите. Но ова не е прв пат Македонија да се соочи со вакви афери. Во 2001 година јавноста слушна за „Големото уво“, а во 2015 година за „Вистината за Македонија“ – кога беа објавени прислушувани разговори на илјадници граѓани и политичари. Сега, новата афера повторно ја отвора истата дилема: дали безбедносните служби се користеле за законска заштита на државата или за политички пресметки?

Инаку во скандалот со прислишување се тврди дека во периодот од 2019 до 2024 година, период кога владееше токму СДСМ и ДУИ, биле следени тогашниот лидер на опозицијата, а сегашен премиер Хистијан Мицкоски, сегашниот вицепремиер на Владата Александар Николовски, како и бизнисмени, редакции, новинари, обвинители.