Почитувани,
Последниве денови економските т.н. „експерти“ од СДСМ се обидуваат да создадат слика дека македонската економија е во криза, мешајќи го нивото на цените со инфлацијата и номиналните со реалните показатели. Официјалните бројки покажуваат нешто сосема друго. Инфлацијата во јули изнесува 2,3% на годишно ниво. Кај храната и безалкохолните пијалаци цените во јули се намалени за 1,1% во однос на јуни. Од априлскиот врв до јули, годишната стапка на инфлација падна за 3,4%, односно 60% пониска во однос на априлското ниво. И тоа е факт, рече пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција.
Секако, пониска инфлација не значи дека цените се вратиле на нивото од пред неколку години. Значи дека темпото на нивниот раст се намалува.

Талогот од СДСМ тврди дека тоа било резултат на „замрзната економија“.
Но ако економијата е замрзната, како индустриското производство во јуни расте за 6,5%, преработувачката индустрија за 7,9%, а производството на капитални производи за 8,6%?
Само еден месец претходно СДСМ зборуваше за „слободен пад“ на индустријата. Денес, по најновите податоци, индустриското производство за целото прво полугодие е во плус.
Не расте само индустријата.
Извозот во првите шест месеци е повисок за 8%, а реалниот БДП во првиот квартал расте за 3,1%.
Подвлекувам – реален раст на БДП, што значи дека влијанието на цените веќе е земено предвид во пресметката.
И капиталните инвестиции ги демантираат тезите на СДСМ.
До крајот на јули се реализирани 21,3 милијарди денари капитални расходи, што е за 39,6% повеќе од истиот период минатата година.
Истовремено, вкупните буџетски приходи се повисоки за 9,3%, а даночните приходи за 10%.
И кај животниот стандард имаме важен показател – просечната нето-плата во мај расте за 8,2% номинално, а 3,2% реално.
Значи, имаме намалување на инфлацијата, раст на БДП, раст на индустријата, извозот, капиталните инвестиции и реалните плати.
Тоа не значи дека сите проблеми се решени.
Но значи дека приказната на СДСМ за економски „колапс“ не ја издржува проверката со официјалните бројки.
Ние ќе продолжиме со работа за повеќе инвестиции, производство, работни места и повисок животен стандард.
Економијата не се мери со партиски соопштенија, туку со резултати.
А резултатите покажуваат дека Македонија се движи напред.

