Реклама
Македонија

Стаменкоска-Трајкоска изрази жалење за трагичниот настан во Кисела Вода и повика да не се политизира случајот

Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, изрази длабоко жалење за трагичниот…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, изрази длабоко жалење за трагичниот настан што се случи на територијата на општина Кисела Вода, при што едно лице го загуби животот, а три лица се повредени. Градоначалничката, како што се наведува во општинското соопштение, упати сочувство до семејството на починатиот и посака побрзо закрепнување на повредените и повика да не се политизира случајот, туку да им се остави простор на надлежните институции да си ја завршат работата.

– Во врска со трагичниот настан што се случи на територија на Општина Кисела Вода, изразуваме длабоко жалење за загубата на човечки живот и сочувство до семејството на починатиот. Безбедноста на граѓаните и работниците е апсолутен приоритет и не смее да биде предмет на политички поени – нагласи градоначалничката.

null

Таа информира дека во овој момент, надлежните институции постапуваат и во тек се проверки за утврдување на сите околности поврзани со настанот и додаде дека Општината целосно соработува со институциите и ќе постапи согласно сите наоди и препораки.

Реклама

– Ја разбираме загриженоста на јавноста, но апелираме на одговорност и воздржаност од изнесување непроверени информации и политизација на случајот. Ваквите ситуации бараат сериозен и институционален пристап, а не дневно политички реакции – нагласи  Стаменкоска-Трајкоска.

Градоначалничката додаде дека Општината е отворена за дискусија во рамки на институциите, но одлуките мора да се темелат на факти и стручни анализи, а не на претпоставки.

null

– Ќе продолжиме транспарентно да ја информираме јавноста за сите релевантни информации веднаш штом тие бидат официјално потврдени. Нашиот приоритет останува јасен – заштита на граѓаните, почитување на законите и одговорно постапување во интерес на јавноста – истакна градоначалничката Бети Стаменкоска-Трајкоска.

Еден градежен работник загина, а тројца се тешко повредени откако биле затрупани од насип со земја на градилиште во општина Кисела Вода, информира претходно доктор Драган Панов, шеф на смена во Итна медицинска помош – Скопје.

Докторот Панов изјави дека според првичните информации, настраданите најверојатно се на возраст од 35 до 45 години, но увидот ќе покаже за што точно станува збор и под какви околности се случила несреќата. Жртвата, како што рече, според првичните информации, е на 34-годишна возраст. 

– Интервениравме со четири амбулантни возила – рече доктор Панов.

null

Министерството за внатрешни работи претходно информираше дека изутринава во 08:17 часот во СВР Скопје е пријавено дека на градилиште на улицата „Козјак“ во Скопје при ископ на темели со земја биле затрупани тројца работници.

– Од нив, двајца се извадени и со возило на Итната медицинска помош се пренесени на комплексот клиники „Мајка Тереза“, а во координација со Центарот за управување со кризи и Бригадата за противпожарна заштита се преземаат мерки за вадење и на третото лице – велат од МВР. 

Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на самото место на локацијата во Кисела Вода и издаде наредба за обдукција на починатиот. 

– Во насока на испитување на причините за несреќата и почитувањето на прописите за заштита при работа постапуваат и Државниот инспекторат за труд и општински градежен инспектор – информираат од Обвинителство.