Со висок позитивен набој и ерупција од музичко расположение на многубројните поситетители, Прилепската пиварница синоќа, воцентарот на Прилеп, го прослави својот 100-годишен јубилеј. Градскиот плоштад, каде беше поставена импозантната сцена, но и штандовите за продажба на производите на Пиварницата по симболични цени од само 50, односно 40 денари, беше претесен за да ги прими сите оние кои сакаа да уживаат во извонредните музички настапи на ДНК, „Тропико бенд“ и на вонсериската Марија Шерифовиќ, „залиени“ со студената голтка на „Крали Марко“, „Златен даб“, „Калсберг“, „Пепси“, „Миринида“.
И не беа презадоволни само посетителите. Истата роденденска еуфорија ја споделија и музичките артисти, кои искрено и несебично и’ посакаа на Прилепската пиварница да слави уште многу вакви среќни родендени и успешни јубилјни приказни.
„Многу ни е убаво. Во Прилеп сме веќе по трет пат. Си се знаеме со публиката со која сме си стари другари. И’ посакуваме среќен 100-ти роденден на Прилепската пиварница. Сите да сме живи и здрави уште 100 години“, – ни изјави фронтменот на „Тропико бенд“, Александар Цветковиќ – Сале.

„Има страшно добра публика и многу убаво се линкуваме со прилепчани и секогаш кога и да сме дочле ни дале многу убава енергија и секогаш ни е драго кога и да дојдеме и ние би биле ништо без нив. Ова е нешто слично на Пивофест, само што има многу повеќе љубов и енергија, бидејќи славиме една голема бројка и кога ќе се помеша со пиво, кое за Андреј не е алкохол и љубов со многу добра публика, не може да не биде добро“, рече Панчо – ДНК.
„Нека им е среќен роденденот. Во оваа земја 20 години да издржиш, треба споменик да ти изградат, не пак 100 години. Ја верувам дека уште 100 години ќе траат затоа што имаат многу добро пиво. Да сме живи“, – порача Андреј – ДНК.
„Јас не сум некој љубител на пивото, не конзумирам пиво, но бидејќи денес е многу тешко на Балканот да се одржи нешто што има традиција, јас посакувам еве уште 100 години да слави Пиварницата. Јас искрено се радувам на секое мое доаѓање во било кој град на Балканот, така што сакам да видам какви луѓе се тоа, каква енергија носат, колку тука има љуов за мене…така што кога и да сум дошла во Македонија, јас се чувствувам како дома“, – ни рече Марија Шерифовиќ.
Целовечерната роденденска забава во Прилеп заврши со спектакуларен огномет. А според најавите на домаќините и организатори на овој спектакл, до крајот на оваа јубилејна година ќе има уште неколку вакви слични настани.
Каролина Дурло
