Три обвинителки и еден судија остануваат во трката за прв човек на Јавното обвинителство. Зелен картон за следниот филтер добија Анита Тополова-Исајловска, Ленче Ристоска, Лидија Раичевиќ и Ненад Савески, а Советот на јавни обвинители од изборот го дисквалификуваше екс судијата во Кривичен, Владимир Панчевски.
10 од 10 членови дадоа поддршка за Анита Тополова Исајловска, која моментно е в.д државен јавен обвинител. За членовите таа има долгогодишно искуство, поседува углед, морални вредности и менаџерски квалитети. Едногласна поддршка доби и обвинителката Ленче Ристовска,а позитивна оценка од сите 10 членови доби и судијата од Кривичен суд Скопје, Ненад Савевски.
За обвинителката Лидија Раичевиќ членовите на Советот, исто така, посочија дека е обвинител со интегритет и долгогодишно искуство и оти работела на многу тешки предмети. И Раичевиќ доби позитивно мислење, но за неа единствено Кети Петкова гласаше против. Раичевиќ се кандидираше и минатиот пат заедно со Љупчо Коцевски, но тогаш едногласно доби неготивно мислење од Советот.

- „Тоа била нивна одлука. Сега имаме нови членови и ново разгледување. Не е пресудно дали некој бил на раководно место. Некој можеби никогаш нема да биде ничиј шеф, па сепак може да биде републички јавен обвинител“ – изјави Башким Бесими – Претседател на Совет на ЈО.
Од трката отпадна екс судијата и претседател на кривичен, Владимир Панчевски кој според советот на ги исполнува условот од 10 години непрекинат работен стаж.
- „Согласно законските одредби, кандидатот треба да има најмалку 10 години непрекинат работен стаж од областа на кривичното право. Во конкретниот случај, на кандидатот му престанала функцијата пред 13 години и во меѓувреме не бил ниту судија, ниту јавен обвинител. Оттука, тој стаж не може да се смета за непрекинат стаж од областа на кривичното право во смисла на законот “ – рече членот на Советот Маријана Илиеска.
По ваквата одлука на Советот, Панчевкси на ФБ објави потврда од Кривичниот суд дека од 2008 до 2020 година има непрекинат судски стаж, и со краток коментар се заблагодари за поддршката.
Советот остави Владата да има поголем избор кој ќе предложи до Собранието, што за нив не остава простор за политичка одлука.
- „ Ние, во согласност со законот ги разгледавме сите пријавени кандидати и ценевме дека ги исполнат условите во согласност со законот и затоа дадовме позитивно мислење. Сите кандидати се јавни обвинители, а еден е судија со успешно работење и во Јавното обвинителство и во судовите. И не можевме како членови да ги делиме зашто сите имаат по 25 или 15 години стаж како обвинители и затоа дадовме позитивно мислење “ – рече Бесими.
Изборот на нов државен јавен обвинител доаѓа по оставката на Љупчо Коцевски од декември лани. Во меѓувреме, како вршител на должност е поставена Анита Тополова-Исајловска, и на таа функција може да биде максимум шест месеци.
Откако Владата ќе се одлучи за еден кандидат, финалниот збор го имаат народните избраници. Новиот државен јавен обвинител треба да добие поддршка од 61 пратеник.
