Социјалните мрежи и виралните видеа се главната причина за зголеменото насилство кај младите. Психолозите предупредуваат дека тие се во ранлива возраст и често сакаат да го имитраат она што го гледаат на интернет, а не се доволно свесни за последиците. Апелираат родителите да обратат поголемо внимание што прават нивните деца онлајн.
„Разни насилства се лесно достапни на интернетот. Интернетот ни отворил еден нов свет, можност да дознаеме што се случува во овој момент низ светот, да видиме што таму прават младите и можеби да стане нов тренд за популарност и лајкови, нешто што оваа млада генерација го доживува како многу важно во нивниот живот. Тоа прави да насилството меѓу врсниците биде популарно и масовно“, изјави Мирјана Стојановска, психолог.
Најголема одговорност носат родителите, но и наставниците – и едните и другите треба повеќе да се посветат на воспитувањето на младите, навреме да откријат доколку тие се соочуваат со некој проблем.

„Не можност да се разрешат внатрешните конфликти, превривања и дилемите со родителите, пријателите и училиштата, како и барањето на своето место во светот. Причините се секогаш нешто што внатре се случува во младиот човек. Децата учат по пат на имитација од примерите кои ги даваат возрасните, гледаат што се случува и они го прават истото“.
Отворениот разговор на сите теми треба да биде секојдневие, велат психолозите кои исто така советуваат дека кај децата мора да се постават и некои граници – да бидат свесни за нивните обврски, како и за последиците од нивното однесување.
Бојана Шурлиновска
