Претседателот на Собранието, Африм Гаши и претседателот на Синдикалната организација при Македонската академија на науките и уметностите, Блажо Вујовиќ, денеска го потпишаа Колективниот договор за МАНУ.
Како што соопшти собраниската прес-служба, со Колективниот договор се воспоставува рамка за унапредување на правата на вработените во МАНУ, правичен третман и вреднување на одговорностите и професионалниот придонес, како и за зајакнување на правната сигурност и транспарентноста во работните односи.

Процесот за склучување на договорот, како што информираат, почнал кон крајот на 2025 година, кога синдикалните организации во МАНУ го доставиле Предлог-колективниот договор до претседателот на Собранието. Собранието на 18 февруари годинава донело одлука со која го овластило собранискиот претседател да склучи поединечен колективен договор со претседателот на Синдикалната организација при МАНУ, како репрезентативен синдикат на ниво на работодавачот.
Во преговорите учествувале претставници на Службата на Собранието, Министерството за економија и труд и Министерството за финансии, како и членовите на Одборот за преговори на репрезентативните синдикални организации во МАНУ.

Во процесот на преговарање, како што посочуваат од Собрание, биле усогласени ставовите поради што денес страните пристапија кон потпишување на Колективниот договор на Македонската академија на науките и уметностите.

