Од Гевгелија до Солун со воз ќе се патува околу 30 минути, а од Солун до Скопје нешто повеќе од еден час. Паралелно се работи и на пругата која е дел од Коридор 8 – од Скопје до Софија – железничкиот транспорт е фокус и приоритет, децидни се надлежните, за Македонија да биде раскрсница на Балканот и Европа и да го зајакне економскиот развој.
Премиерот Христијан Мицкоски од трибината посветена на инфраструктурата порача дека една година по изборите – веќе започнати се видливи промени. Отворен е најголемиот инвестициски циклус во последната деценија. Се градат 4 автопатити истовремено, пуштени се нови патни и железнички делници, субвенционирани се нови авиолинии и доделени социјални станови.
Ова е историски момент за Македонија. Народот не избра не само за да водиме, туку и за да го вратиме достоинството. Со договорот со Обединетото Кралство ја поставуваме Македонија рамо до рамо со една од најмоќните светски сили. Тоа е почеток на нова ера – ера на инвестиции, развој и стабилност, порача Мицкоски, нагласувајќи дека ова е најголемиот инвестициски циклус во последната деценија.

Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски е шанса за економска трансформација на државата бидејќи вака ќе се отвораат нови економски хоризонти, и се испраќа порака дека Македонија знае да соработува со најдобрите. Според вицепремиерот, пругата станува број еден транспорт во Европа, а ние мораме да бидеме дел од тоа. Брза, безбедна и поврзана Македонија значи и побрз економски раст.
Потпишавме договор каде што Велика Британија гарантира со својот кредитен рејтинг, којшто е највисок кредитен рејтинг, којшто може да се добие за Македонија и тоа го прави во една рамка од 5 милијарди фунти односно шест милијарди евра што целосно можат да ја трансформираат Македонија. Тоа е брзата пруга, која што секако ќе поминува и низ Гевгелија, Гевгелија-Солун ќе е околу 30 минути, Гевгелија-Скопје ќе е некаде околу час, час и десет. Центар во центар. Така што тоа е нешто што целосно ќе ја трансформира Македонија, порача Николоски.
Македонија е на добар пат да стане регионален железнички коридор, оцени директорот на ЈП Железници инфраструктура, додека директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, посочи дека за една година се изградени над 100 километри нови патишта.
Европа го препозна железничкиот транспорт како клучен за иднината. И ние го следиме тој тренд. Веќе е завршен делот од Куманово до Бељаковце, а во тек е изградбата до Крива Паланка. Прогресот е околу 35%. За една година и пол очекуваме да биде готово. Паралелно, со Бугарија договоривме заедничка работа на тунелот и на трасата до границата, со што ќе имаме комплетна пруга Скопје – Софија со брзини од 100 до 120 километри на час, рече Ивановски.
Од Страцин до Крива Паланка, од Градско до Дренево од Дреново до Фариш, го пуштивме и патот од Врбјани до Ботун кој по 11 години беше пуштен. Тоа е одлика на наше домаќинско и одговорно работење. Ние поставуваме нови стандарди за работење во сите институции. Тука не се сопира и се работи на уште многу други патни правци. Работиме на еден од најважните правци Кичево – Охрид, интензивно работиме за по 13 години или се надевам следната година да го пуштиме и тој патен правец. Македонија се наоѓа во една експанзија на патна инфраструктура, изјави Трајановски.
Според властите, со поставување на железнички и автопатни коридори се гради темел за модерна, поврзана и економски развиена Македонија. Фокусот е ставен на интеграција со европската инфраструктура и зацврстување на стратешките партнерства.
