Нема да се толерира дивеење на одредени ланци на супер маркети. Премиерот Мицкоски со остра порака до нив. Ќе бидат сериозно санкционирани ако ги изиграат законите. Комисијата за заштита на конкурентноста активно се екипира и ќе излезе на терен за да ги „лови“ скриените маркетинг услуги, кои ги кршат одредбите на Законот за нефер трговски практики. Оваа ракција на премиерот доаѓа откако некои трговци се обидоа да добијат поголем рабат под рака од ограничениот со закон, како и подобро претставување и рекламирање на производите спротивно на прописите.
„И за ова многу сериозно се занимава Комисијата за заштита на конкурентноста. Многу скоро ќе излеземе на терен, веќе ја зајакнавме кадровски, се примија нови луѓе. Ќе се излезе на терен и овие скриени „маркетинг услуги“ кои дел од снабдувачите, производителите и трговците ги поставуваат во синџирите супер маркети за на подобро место да стои неговиот производ ќе биде жестоко, верувајте жестоко санкционирани“ – вели Мицкоски.
Тој потенцира дека во наредниот период борбата ќе биде со поскапените услуги. Анализите покажале дека во некои сектори тие биле поскапени и до 20%. Мицкоски вели дека во некои случаи и нема голем простор за маневар со мерки, но дека се потрудиле да го поевтинат училишниот прибор во пресрет на школската година. Дециден е едека нема да има ограничување на маржи и замрзнување на цени бидејќи инфлацијата се прелевала во месеците по истекот на мерките. Премиерот нагласи дека ќе се работи на зголемување на продуктивноста.

„Ние не можеме да ги ограничиме рестораните, кафулињата итн. или транспортните компании која е цената која што тие ќе ја постават за таа услуга. Ќе повторам се додека може таа услуга некој да ја плати, тие за жал, ќе ја качуваат, и тоа ќе влијае негативно во конечната инфлација. Така што и тука ќе имаме исто така мерки“ – рече тој.
Македонија во јули имаше инфлација од 4,5%, што е во рамките на некои држави од регионот како Унгарија, Словенија и Грција. Во рамки на Евриопската унија во јули највисока инфлација имала Романија од 7,84%, Хрватска и Естонија.

