Али Ахмети и ДУИ покажаа целосно непочитување кон македонскиот народ. Скандалозната порака со која лидерот на интегративците, алудира дека не постои македонскиот јазик, според познавачите е единствено со желба да се направи тензија во општеството и ништо повеќе. Политичкиот аналитичар Александар Ристевски за Алфа вели дека целта на Ахмети со ваквите пораки е единствено да доведе до поделби на етничка основа со цел политички бенефит.
-За почеток покажува целосен непочит кон македонскиот народ и пробува да ја поларизира целата состојба. Значи покрај тоа што пробува да креира условно форма на тензија кај етничкото албанско население, покажува еден непочит и деградирање на севкупното македонско население, изјави Ристевски.
Користењето на албанскиот јазик е дефинирано со закон, па јасно е дека ваквите зборови на Ахмети се чисто политиканство, сметаат познавачите. Ристевски вели дека проблемот доаѓа кога некои се обидуваат целосно да ги израмнат македонскиот и албанскиот јазик, со што диреткно и се удира по уставниот поредок на државата.

-На крајот на краиштата ние сите мораме и Македонци и Албанци, сите кои живееме во оваа држава да прифатиме една општествена реалност, прв официјален и службен јазик на Република Македонија е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Од друга страна, на високо ниво и можност за користење и употреба е албанскиот јазик и во одредени општини каде што има над 20 проценти население се користи и ромскиот и бошњачкиот и турскиот и српскиот јазик и тоа во ни еден момент никој не го оспорува, изјави Ристевски.
Ваквата реторика на ДУИ не е ништо ново и започна откако заминаа во опозиција. Сепак тешко дека може да добијат нешто. Ристевски вели дека дополнителен проблем за Ахмети е што голем број од гласовите кои ги добија на минативе избори, воопшто не се од етничките Албанци, туку од коалиционите партнери од други етнички заедници.
-ДУИ да добие тешко. Повеќе од очигледно е дека и меѓународната заедница, ни политичките претставници на другите држави во Македонија, ниту пак етничко албанското население, апсолутно сигурен сум не ги поддржува овие реторики и овој начин на подгревање омраза и поделба во општеството, изјави Ристевски.
Во скандалозната изјава од Чашка, Ахмети кажа дека ако сите што зборуваат албански ги испратиме во Албанија, а оние кои зборуваат бугарски во Бугарија, праша на кого ќе ја оставиме оваа држава. Оваа изјава веднаш ja пренесоа бугарските медиуми. БГНЕС толкуваат дека Ахмети алудирал на тоа дека Македонците говорат бугарски јазик.
Матеја Петровски
