Грдата воена реалност повикува на будност и подготвеност, им порача врховната командантка на македонската Армија, Гордана Силјановска Давкова, на новите студенти на воената Академија „Генерал Михаило Апостопски“. Во време на руска агресија на Украина и конфликт на Блискиот Исток, претседателката вели – верувала дека докажаните професионалци од македонската Армија нема да дозволат воени конфликти на наше тло.
-Свесни сме за улогата на безбедносниот чадор, но и за потребата од инвестирање и развивање во сопствената армија. Посакувам припадниците на армијата, вие да бидете ангажирани во мировни, а не во воени операции во некое идно време. Но се плашам дека грдата воена реалност, повикува на будност и потготвеност, изјави Силјановска Давкова.
28-та генерација питомци, бруцошите на воената академија положија заклетва дека ќе ја бранат слободата, суверенота, самостојноста и територијалниот интегритет на Македонија.

-Дисциплинирано, совесно и одговорно, ќе извршувам обврските и должнстите, како бранител на мојата татковина, се вели во дел од заклетвата.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, кажа дека изборот на младите студенти покажува дека си ја сакаат својата татковина. Изрази посебно задоволство што Армијата е институција со најголема доверба кај граѓаните.
-Живееме во динамично време, во свет на брзи промени со огромен број технолошки иновации, во време кога светот се менува речиси на секое поле, живееме во време со изменета безбедносна средина. Токму затоа бидете посветени и искористете го секое знаење и искуство кое што ќе биде пренесено од професионалниот професорски кадар, изјави Мисајловски.
Деканот Митко Богдановски на питомците им порача дека нивната заклетва не само што ги обврзува, туку им го трасира патот исполет со предизвици, но и со непроценлици можности. Според него воената професија не е лесна, но е благородна и исполнета со достоинство.
-Ова е само почеток на долг пат, пат што ќе биде исполнет со многу предизвици, но и многу успеси. Ние, вашите професори, старешини и колеги веруваме во вас и во вашиот потенцијал, горди сме на вашата одлука да и служите на нашата земја, изјави Богдановски.
Сиљановска Давкова посочи дека нашата армија е составена од професионални, мотивирани и кредибилни старешини и војници, кои во изминативе пет години како дел од НАТО, но и како дел од Партнерството за мир и бројните мисии, покажаа и се уште покажуваат и докажуваат дека можат да стојат рамо до рамо со колегите од најсилните армии и да постигнуваат највисоки резултати, одлично вршејќи ги своите задачи.
Матеја Петровски
