Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ги примила акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Хеленската Република, Јоанис Малукос.
Таа, третирајќи ја Грција како важен сосед и потенцијален стратешки партнер, изразила искрено очекување за отворање ново поглавје во меѓусебните односи, во духот на добрососедството, градено низ bona fide политика.
-За Сиљановска-Давкова, Хеленската Република, како земја од регионот со најдолго искуство во Европската Унија, има историска и политичка одговорност за европската интеграција на земјите од Западен Балкан – соопштија од Кабинетот на претседателката.
Во пресрет на грчкото претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2027 година, таа очекува засилен грчки ангажман насочен кон исполнување на ветувањата од Солунската агенда во далечната 2003 година.
Во однос на економската соработка, претседателката ги издвоила Коридорот 10 и гасниот интерконектор како проекти од стратешко значење за обете земји, заради сигурниот гарантиран придонес кон поголема поврзаност, економски развој и регионална енергетска безбедност.
Како што додаваат од претседателскиот Кабинет, таа ја поздравила грчката иницијатива за впишување на регионот на Преспа во листата на светско наследство на УНЕСКО, заради неговата исклучителна природна и културна вредност.
Таа цврсто верува во моќта на културната дипломатија, водена од фантастичниот успех на грчко-бугарско-македонската изведба на сценската кантата „Carmina Burana“.

Амбасадорот Малукос изразил подготвеност за добрососедството, градено преку конструктивен политички дијалог и доследно почитување на меѓународното право.
Тој ветил силна грчка поддршка на македонскиот пат кон ЕУ, информирајќи дека проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан ќе биде приоритет на грчката агенда за време на претседавањето.
Присуството на грчките компании во земјава, амбасадорот го оценил како важен економски мост.
Сиљановска-Давкова упатила срдечни поздрави до грчкиот претседател, Константинос Тасулас, и до грчкиот народ.

