Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е подготвено да ја спроведе распределбата на картичките за зелена нафта преку своите подрачни единици, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Борче Серафимовски.
Во пресрет на есенската обработка и сеидбата, денеска од Битола МЗШВ ја почна распределбата на картичките за зелена нафта за што се обезбедени 584 милиони денари, односно околу 9,5 милиони евра, а подготвени се вкупно 48.037 картички за покривање на дел од трошоците за гориво на земјоделците, посочи Серафимовски.

-Утринава во Свети Николе ги доделивме првите од предвидените 1.900 картички, со вкупна вредност од 38.228.060 денари. Потоа продолживме овде, во Битола, за каде се подготвени 3.858 картички, во вредност од 57.525.090 денари. Со почетокот на распределбата финансиската поддршка започнува да стигнува до земјоделците во период кога имаат потреба за вложување во подготовка на нивите, за купување на семенски материјал и ѓубрива, како и за одржување на механизацијата. Приходите од родот доаѓаат подоцна, а трошоците се прават сега. Затоа, зелената нафта има непосредна практична вредност за секој земјоделец во државата, изјави Серафимовски.
Од МЗШВ информираа дека мерката се спроведува преку Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година. Износот за секој корисник се утврдува според површините и културите пријавени во барањата за директни плаќања во 2025 година.
-Помошта се движи од 3.200 до 12.000 денари по хектар. За пченица, јачмен, пченка, ориз и другите култури во таа група изнесува 3.200 денари, а за сончоглед, маслодајна репка, луцерка и останатите култури во соодветната категорија – 4.800 денари по хектар. За градинарските култури опфатени со мерката и за лозовите насади се предвидени 9.600 денари по хектар. За јаболко, круша, слива, праска и другите овошни култури во оваа група износот е 12.000 денари, а за дуња, калинка, бадем, лешник и останатите култури во нивната категорија – 8.800 денари. За тутунот помошта е 11.000 денари, а за оревите и питомите костени – 6.000 денари по хектар, истакна министерот Серафимовски.
За време на денешниот престој во Битола, министерот Серафимовски оствари средба со пелагониските пчелари кои беа известени дека во МЗШВ се подготвени налозите за исплата на субвенциите.

-Свесни сме дека годинава пчеларите најавуваат намалени приноси на мед, иако има зголемен број на пчелни семејства. Информиран сум дека количината на мед е намалена, но затоа изнаоѓаме решенија како да им помогнеме. Во моментов се подготвуваат налозите за исплата на субвенциите за пчеларите и тоа ќе биде во најбрз можен рок. Но, исто така ние ќе извршиме брендирање на македонскиот, односно мариовскиот мед, изјави Серафимовски.

