Реклама
Македонија

Се решава деценискиот проблем – Владата донесе одлука што ќе овозможи да се уреди паркирањето на Клиничкиот центар

Граѓаните едвај чекаат модерен и функционален паркинг простор во Клиничкиот центар во…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Граѓаните едвај чекаат модерен и функционален паркинг простор во Клиничкиот центар во Скопје. По години хаос, нервози и секојдневна борба за паркинг место во кампусот клиники „Мајка Тереза“,со новата одлука на Владата се отвара патот за потпишување договор помеѓу Министерството за здравство и Градот Скопје што треба конечно да стави крај на долгогодишниот проблем. Се најавува современ паркинг, катни гаражи и паметен систем што ќе го регулира метежот.

Според последните најави од скопскиот градоначалник, се очекува проектот да биде готов во втрората половина од годинава.

Дел од пациентите се надеваат дека со новите паркинг места ќе се стави крај на безредието, други пак велат дека ни тоа нема да ја спаси ситуацијата.

Реклама

Паркингот е болна точка за секој кој има потреба на скопските клиники

Секој ден иста приказна на Клинички. Долги редици возила, луѓе што вртат со часови за паркинг, нервоза и свирења…Многумина полесно стигнуваат до доктор отколку што наоѓаат место за паркирање.

Планот на надлежните е да има околу 500 нови паркинг места на Клинички. Град Скопје го почна процесот на реализација на две монтажни гаражи. Едната катна гаража предвидено е да биде изградена во непосредна близина на Клиниката за гинекологија, а другата до Клиниката за инфективни болести. Цените на паркинг услугата ќе бидат исти, а онколошките пациенти нема да плаќаат. Овој список дополнително ќе биде проширен.

Проблемот со паркингот на клинички е децениски јазол за кој досега ниту една власт не најде решение. Последен таков обид имаше екс министерот за здравство Таравари кој имаше идеја за јавно приватно партнерство. Планот беше паркингот да припадне на приватен инвеститор кој ќе менаџира со него одреден број години додека да ја поврати инвестицијата.

Овој план пропадна бидејќи се појавија сомнежи дека тендерот наводно бил местен за контроверзни фирми од соседството.