„Ако се проневери еден денар, да скапеме во затвор“ – рече Артан Груби минатата година.
Не само што не е еден денар, туку криминалот се брои во десетици, а можеби и стотици милиони евра. Еден поранешен премиер, еден вицепремиер, двајца директори на ЕСМ, двајца директори на Фондот за иновации, еден директор на ТИРЗ и уште многу помагачи од поранешната власт се сомничат за епски криминал. Она што јавноста го дозна по промената на власта е дека СДСМ и ДУИ местеле тендери, менувале документации за да фаворизираат свои фирми, го злоупотребувале делењето на државната помош. Поранешниот вицепремиер кој играше фудбал со сопартијците во министерските ходници, сега е најголем бегалец од правдата. Заедно со екс директорот на Лотарија, Перпарим Бајрами и уште неколку луѓе се сомничат за злоупотреби при набавките на коцкарски апарати во вкупна вредност од над 8 милиони евра. Поранешниот премиер Димитар Ковачевски пак е под лупа на обвинителите за противзаконско формирање на друштвото Лотарија, но засега нема официјално случај. Груби претходно беше ставен на црната листа на САД за случај со значителна корупција и директна вмешаност во судски скандал со мито и корупција. Од Косово порача дека е „чист како солза“ и дека ќе се врати во земјава кога ќе му завршат предвидените обврски, но по се изгледа, тие ќе се пролонгираат на неопределено време.
Премиерот рече дека власта располага со информации за многу поголема проневера од она за кое сега има докази и пријави, истрагата е се уште отворена, па не се споделуваат детали.

Криминалот во Државните електрани, пак има епски размери. Од пофалбите пред две години дека заради него најуспешно се изменаџирала енергетската криза, денеска поранешниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски е осомничен во случајот за злоупотреба со местење тендери, при што ја оштетил државата за 6,5 милиони евра. Обвинителството против Ковачевски води две постапки, едната како директор на ЕСМ, а другата за злоупотреба кога беше прв човек на РЕК Битола. Во случајот со кодно име „адитив“ 23-ца се сомничат дека создале група која во период од април 2023-та до август годинава, правела кривични дела Злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно – приватно партнерство, Злоупотреба на службена положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело. За овој случај, во притвор е и следбеникот на Ковачевски како прв човек на ЕСМ, Васко Стефанов.
Кривични пријави беа поднесени и против поранешните директори на Фондот за иновации – Коста Петров и Фестим Халили. Случаите за кои е осомничен Петров опфаќаат три спорни проекти, при што финансиската штета надминува 374 илјади евра. Тие се товарат за злоупотреба на службена положба и овозможување незаконски исплати на грантови на неколку компании, чии одговорни лица ќе одговараат за измама.
Обвинителството се уште нема срочено обвинение ниту за случајот со струмичкиот бизнисмен Крмзов. Сомневањата се дека биле испумпани милиони од државната каса преку фирми на косовски државјани со измислени имиња преку фиктивен поврат на ДДВ. Истрагата се прошири на повеќе струмички фирми, а меѓу другото се испитува како милиони евра преку пропаднатата Еуростандард банка биле префрлани на сметки во Турција. Надлежните треба д аоткријат и дали криминалците имале врски во Обвинителството, царината, УЈП и други институции кои им овозможиле нелегално да се збогатат.
9-то обвинение и одземање на пасошот за контроверзниот струшки градоначалник Рамиз Мерко. Мерко со новото обвинение се сомничи за поставување спомен плоча на влезот од општинската зграда испишана на албански јазик, со што поттикнал етничка омраза и раздор меѓу жителите на Струга. Тој од лани е на црната листа на САД поради вмешаност во корупција и влијание во судски процеси.
Истрагите продолжуваат, обвиненијата против поранешни и сегашни функционери се нижат, а надлежните уверуваат дека случаите на криминал и корупцијата на претходната власт полека почнуваат да се расветлуваат.
