Доживотна казна затвор за Фадил Зејнелов, побараа обвинителството, адвокатите и семејството на Емилија Пешева, која лани на 1ви ноември, беше убиена од Зејнелов, нејзиниот партнер. Скршени од тага со слика во рацете, родителите на убиената Емилија, во судницата во Штип, кадешто денеска почна судењето, немо со солзи во очите го слушаа, обвинението против 3 2годишниот маж. Велат, изрекувањето на доживотна казна е единствен начин да им се залечи болката по изгубената ќерка.
„Кога ќе стане ќерка ми од гробот, тогаш тој нека излезе од затвор. Според мене така е најпреавилно да суди судијата. Тој со умисла ми го отепа девојчето. Многу ја тепаше, малтретираше, го пријавуваме, но кога ќе одевме на суд тој ќе ја пречекаше и пак ја тепаше. Таа кажа, мамо ќе одам да му раскинам. И реков немој, ќе се случи лошо. И реков да ме почека, но таа замина. Како мајка, почувствував дека нешто лошо ќе се случи„ изјави Џемиле Сала, мајка на Емилија Пешева.
Во судницата Зејнелов, го призна делото и рече дека го сторил поради неверство. Изрази сочувство и се кае за стореното. Но, за таткото на Емилија тоа се само празни зборови кои излегуваат од уста на убиец кој сака само да му се умилкува на судот.

„Тоа што се кае, не го прифаќам. Тоа е негова измислица. Тој е монструм, ладнокрвно животно. Едно маче или куче не можеш да отепаш, а камоли човек. Ни остави дете, внуче-сираче да чуваме. Ја нема повеќе Емилија, тешко, голема болка имам..неопишлива„ изјави Слободан Пешев, татко на убиената Емилија.
Според кажувањата на родителите Зејнелов ја искористувал, со тоа што и ги земал парите од негата и детскиот додаток и ги трошел на комар. Според истрагата, на кобниот ден околу 18 часот Зејнелов и Пешева се сретнале пред нејзиниот дом и отишле во напуштениот објект на ЈП Исар за да разговараат. Набргу разговорот преминал во расправија, по што обвинетиот со тупаници физички ја нападнал. Откако паднала на земја, тој почнал силно да ја стега во пределот на вратот, по што жената починала. Кога се уверил дека не дава знаци на живот, го напуштил местото, а потоа сам се пријвил во полиција. Пресудата ќе му биде изречена во среда.
