Реклама
Македонија

Раед Арафат: Недостигот на превенција – заедничка причина за трагедиите во регионот

Недостигот на превенција, игнорирањето на безбедносните протоколи и злоупотребите со дозволи се…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Недостигот на превенција, игнорирањето на безбедносните протоколи и злоупотребите со дозволи се заедничките причинители на трагедиите како пожарот во Кочани, пожарот во клубот „Колектив“ во Букурешт од 2015 година и неодамнешната несреќа во Транс Монтана, истакна денеска државниот секретар и раководител на Одделот за вонредни ситуации во Министерството за внатрешни работи на Романија, Раед Арафат, на јавната дебата „Букурешт–Кочани: Исцелување преку единство – Научени лекции и патот кон закрепнување“.

Арафат објасни дека романскиот модел на управување со вонредни ситуации, воспоставен во 2014 година, ги обединува сите служби под еден централен систем за брза и координирана реакција. Системот вклучува пожaрникари, служби за итна медицинска помош, локални власти и различни министерства. 

– Целта е сè да биде под ист покрив за побрз одговор во вонредни ситуации. Овој пристап се покажа успешен и за време на пандемијата, нагласи Арафат.

Реклама

Говорејќи за споредбите меѓу трагедиите во регионот, Арафат посочи дека во сите случаи причините се речиси идентични, занемарена превенција, непочитување на правилата за заштита од пожар и свесно преземање ризици од страна на сопствениците на објекти. 

– Без разлика дали зборуваме за Македонија, Романија или Транс Монтана – станува збор за затворен простор, забранета пиротехника, блокирани излези и игнорирани протоколи. Законот постои, но некои лица избираат да не го почитуваат, истакна Арафат.

Тој детално го опиша одговорот на службите при пожарот во клубот „Колектив“, каде заппалива акустична пена и затворените излези довеле до масовни жртви. Првите тимови се активирале по една минута, а пожарот бил изгаснат за шест минути, но паниката и стампедото придонеле за големи последици. Единствениот излез бил блокиран, а објектот примал пет пати повеќе луѓе од дозволеното.

-Законите ги имаат, но одредени луѓе се тргнуваат да не ги почитуваат и со тоа ги изложуваат животите на ризик. Ги затвораат излезите за итен случај, ги блокирале и многу направиле многу други работи што можеле да послужат како превенција. Е сега, што се случи во Букурешт последниот ден од октомври 2015 година. Пиротехнички средства што не смеат да се користат на затворен простор. Кај нас е забрането тоа да се користи во Романија. Клубот беше покриен со акустична пена, звучна пена што е лесно запалива. А излезот за итни случаи беше затворен. Место што вообичаено согласно својата дозвола да работат, за дозвола да работи клубот требаше да има максимум 80 лица. Имаше околу 400 луѓе. Сопствениците отишле кај градоначалникот и потпишале дека сакаат да отворат кафуле за 80 лица. Објект. Тоа значи дека противпожарната служба нема да оди да изврши проверка затоа што 80 лица не е висок ризик, а потоа всушност отвориле клуб каде што примале по 300 по 400 луѓе, што не смееле да го прават. И покрај тоа користеле пиротехнички средства внатре без да ги почитуваат протоколите за итни случаи, во случај на незгода, појасни Арафат.

По прогласувањето на „црвена состојба“, сите достапни екипи биле мобилизирани, а медицинскиот персонал доброволно се вклучил. Арафат предупреди дека огромен проблем по несреќата биле дезинформациите. 

– Лажни вести почнаа да се шират уште во првите 30 минути. Дезинформациите доведоа до недоверба кај дел од семејствата и јавноста, истакна Арафат.

Како заклучок, тој порача дека суштинските лекции се јасни: „Без строга примена на законот, без координација и без култура на превенција, ризикот од нови трагедии останува.“

Евроамбасадорот Михалис Рокас, пак, кажа дека Европската унија останува целосно посветена на поддршката за закрепнување на Кочани по трагичниот настан, и нагласи дека повеќепати го посетил Кочани со својот тим и дека секоја посета го потсетува на тежината на процесот низ кој минуваат жртвите и нивните семејства.

-Тоа е долг процес за кој е потребно време и уште поважно, доследна и конзистентна помош. Се собравме не за да споредуваме, туку за да разговараме како да размениме искуства меѓу Букурешт 2015 и Кочани 2025, и како најдобро да им помогнеме на семејствата на жртвите, нагласи Рокас.

Тој потсети дека и Европската Унија има сопствени искуства со вакви трагедии и дека во првите моменти по случувањето ЕУ ја демонстрирала својата солидарност. Посебна благодарност упати до Романија за воздушниот транспорт и до Литванија за поддршката во рамки на европската солидарност.

Рокас истакна дека Делегацијата на ЕУ во Скопје веќе формирала работна група за координирање на сите достапни ресурси.

Амбасадорката на Романија, Моника Аксинте, ја нагласија важноста на солидарноста, учењето од искуства и координираната поддршка, нагласувајќи дека дебатата не е само за романското искуство, туку за заедничкиот европски одговор на катастрофи. Таа потсети дека веднаш по пожарот во Кочани механизмот за цивилна заштита на ЕУ беше активиран, обезбедувајќи медицински транспорт на жртви во Литванија, Белгија и други земји. 

Аксинте порача дека Романија ќе продолжи да ја поддржува Македонија и дека искуствата од романскиот интегриран систем за вонредни ситуации можат да бидат од особено значење, додавајќи дека впечатлив факт е што годишно околу осум милиони граѓани во Романија се опфатени во активности за спасување и реагирање.