Нелегана пренамена од индустриски објект во дискотека спротивно на урбанистичкиот план, како и прегради од гипс-картон и врати кои претставувале директна пречка за евакуација, констатирале вештите лица од Градежниот факултет во градежното вештачење на објектот во кој се наоѓала кочанската дискотека „Пулс“, во кој во пожар загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
На денешното рочиште во судницата во Идризово беа сослушани вештото лице Душица Трпчевска Ангелковиќ, која зборуваше за аспекти од вештачењето поврзани со урбанизмот и вештакот Маријана Лазаревска, која зборуваше во однос на градежните аспекти.
Лазаревска, во судницата започна со презентирање фотографии од изведба на челични греди и столбови во приземјето на објектот – зграда 1, направени 2012 година, а во функција на направената пренамена од магацин за теписи и теписони, во угостителски објект.

Одбраната реагираше на изведувањето на фотографиите без да се посочи каде точно се содржани во доказниот материјал, по што Судот го одложи денешното рочиште, а вештакот ќе продолжи со изведување на вештачењето на следното рочиште закажано за 17 август, за кога ќе треба да направи и нивна нумеричка презентација.
Лазаревска, претходно посочи дека на објектот биле изведени надворешни скали и настрешница, преградни ѕидови од гипс картон со кои е формиран влез со двокрилна двонасочна врата, што, како што нагласи, е апсолутно недозволено од безбедносен аспект при евакуација.
– Преградите од гипс картон и летечката врата се апсолутно пречка при движењето за евакуација – нагласи вештакот.
Претходно, вештото лице Душица Трпчевска Ангелковиќ, член на тимот што учествувал во изработка на градежното вештачење, денеска во судницата во „Идризово“, изјави дека според урбанистичко планската документација на Град Кочани од 1998 до денеска и согласно Законот за градење на предметната локација на која функционира објектот дискотека/кабаре “Пулс” не е дозволена пренамена од индустриски објект во објект за вршење угостителска дејност, додека од 2012 година инвеститорот почнува дел од објектот да го користи за намена дискотека/кабаре што е спротивно на ДУП и законската легислатива за урбанистичко планирање и градење.
Во однос на урбанистичкото планирање за објектот, вештото лице посочи дека зоната Г10 на Град Кочани, каде се наоѓа дискотеката, од првиот Детален урбанистички план донесен 1998, како и последниот што е во сила донесен во 2013, не се менува и е наменета за лесна индустрија и мало стопанство.
-Од намената на објектот зависат сите останати параметри, како што се површина, височина, катност, позиција, пристап и паркирање. Од намената на објектот зависат неговите конструктивни, функционални и безбедносни барања кои градбата мора да ги задоволи – изјави Ангелковиќ.
Согласно Законот за градење, член 97, секој објект се користи за намената за која е предвиден и изграден.
-Конкретно објектот во кој била сместена дискотеката или кабаре Пулс е составен од две згради, од кои зграда 1 е изградена 1998 врз издадено одобрение за градба на деловно – производен продажен објект. Зграда 2 е изградена без одобрение за градење и во 2011 година е легализирана со намена за лесна и незагадувачка индустрија. Во 2012 година објектот се употребувал согласно намената од ДУП. Од 2012 година инвеститорот почнува дел од објектот да го користи за намена дискотека/кабаре што е спротивно на ДУП и законската легислатива за урбанистичко планирање и градење – појасни Ангелковиќ.
Прашана дали Општината можела да реагира и на кој начин, кога веќе се вршела угостителска дејност дискотека во овој објект, вештакот рече дека Законот за градење покрај другото го уредува и начинот на употреба на објектите, а станува збор за објект од втора категорија, односно од локално значење и одобренија ги издава општината, значи дека Општината е повикана да постапува по надлежноста, а тоа е да контролира дали објектот се употребува согласно даденото одобрение за градење и употреба.
-Реакцијата би била преку надлежните служби. Тоа се инспекциските служби, кои доколку констатираат дека на некој објект е извршена нелегална пренамена имаат право на сопственикот да му наложат да го врати објектот во првобитната состојба – појасни вештакот.
Родителите на загинатите деца во пожарот во дискотеката Пулс, на пауза на денешното рочиште, во изјава за медиумите порачаа дека суштинско прашање е: како можело објект кој според документацијата немал соодветна намена, повеќе од една деценија можел непречено да функционира како кабаре и дискотека?
-Повеќе од една деценија не е пропуст, не е превид, не е еден погрешен документ. Тоа се години во коишто институциите имале обврска да постапуваат. Затоа мора да се утврди кој знаел, кој потпишувал, кој контролирал и кој бил должен да го спречи тоа. За секој потпис, за секој издаден акт и за секоја неизвршена контрола стои и институционална одговорност што мора да биде испитана – изјави Александар Наунов.
Вистината, нагласи Наунов, мора да излезе на видело, одговорноста мора да добие име, а правдата мора да биде утврдена пред суд.
Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, како што е најавено, треба да заврши изведувањето на докази од Обвинителството.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК, загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

