Поради градежни активности на патот кон Тромеѓа, автобусите на линијата број 8 од денеска привремено ќе сообраќаат по улицата „400“, информира Општина Куманово.
-Поради реконструкција на улицата, изведувањето на работите, општинскиот линиски превоз на патници на релацијата Бедиње – Тромеѓа, линија број 8, привремено нема да се одвива според утврдениот возен ред и траса, туку автобусите ќе сообраќаат по улицата „400“ – посочуваат од Општина Куманово и додаваат дека измената ќе важи сè додека не се создадат услови за нормално и безбедно одвивање на сообраќајот на улицата „425“.
Општината апелира до граѓаните за внимателност, трпение и разбирање за време на изведувањето на градежните работи и изменетиот режим на сообраќај.

Воедно, Општина Куманово ги известува граѓаните дека ќе биде извршена привремена дислокација на автобуската натстрешница на улицата „Гоце Делчев“, зад автобуската постојка за јавен превоз, спроти „Уред“. Како што нагласуваат од Општината, дислокацијата е потребна поради издадено правосилно решение за отстранување, односно уривање на објектот што се наоѓа на оваа локација.
Од Општина Куманово посочуваат дека јавниот автобуски превоз ќе се одвива непречено и без прекин во функционирањето на линиите во центарот на Куманово. Автобусите и понатаму ќе застануваат на истото стојалиште, а патниците ќе можат редовно да го користат јавниот превоз.

