По речиси двата милиони евра кои за шест проекти ги доби Ѓорче Петров, во рамките на првиот пакет помош од државата, општината се подготвува и за аплицирање за парични средства и од вториот. Градоначалникот Александар Стојкоски, порача дека од голема помош за сите општини е што конечно државата решила директно да помогне за нивниот развој. Во првиот пакет, Ѓорче Петров доби владина помош за изградба на нова детска градинка, изградба на локален пат, како и реконструкција на неколку улици.
-Исклучително сме задоволни од соработката со Владата на Република Македонија и од проектите кои што ги добивме со првиот повик. Се спремаме и за проектите од вториот повик, набрзо ќе аплицираме и во овој дел. Така да, комуникацијата се интензивира, е на едно одлично ниво и жителите на општината Ѓорче Петров може да очекуваат уште многу нови подобрувања, изјави Стојкоски.
Министерот за локална самоуправа оствари средба со градоначалникот и дел од советниците во Ѓорче Петров, на кој се разговараше за развојот на оваа општина. Златко Перински кажа дека и оваа, како и секоја друга локална самоуправа е важна за Владата, со цел рамномерен развој низ целата држава.

-За нас оваа општина е исклучително важна и специфична можам да кажам. Дел од оваа општина покрај урбан дел има и рурален дел навистина е многу тешко да направите баланс во рамки на инвестициите за да биде напредокот на општината во рамки на едно балансирано и изедначено ниво, изјави Перински.
Според Перински ваквите посети низ општините со цел мапирање на проблемите кои што ги имаат граѓаните не претставува никаква кампања, туку нормална работа на Министерството за локална самоуправа, кое за жал во минатото не било доволно транспарентно во своето работење.
-Обврска на министерот е да ги посети локални самоуправи и да го осознае нивното секојдневно работење за да ги подобри состојбите. Јас искрено жалам што ова министерство во изминативе години не беше визибилно и не беше на висина на задачата, иако како ресор, без разлика да не бидам субјективно сфатен е исклучително битен, изјави Перински.
Во рамките од првиот пакет помош од државата за општините одобрени беа 274 проекти вредни 66 милиони евра. Во моментов во тек е вториот повик. Досега аплицирале 6 општини со 35 проекти. Перински изрази надеж дека во наредниот период сите општини ќе аплицираат со свои проекти.
Матеја Петровски
