Во собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска треба да продолжи амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година. За предложениот буџет поднесени се 400 амандмани од овластени предлагачи.
На вчерашниот прв ден од амандманската расправа беа разгледани и отфрлени околу 30 амандмани поднесени од опозициските партии. Најголем дел од разгледаните амандмани предвидуваа зголемување на финансиски средства за електронско следење на насилниците и за систем за предупредување на жртвите, за поддршка на меѓуетничките односи и правична застапеност, како и за унапредување и модернизација на собранискиот канал, за набавка на систем за џи-пи-ес уреди за следење на службени возила, на вработени во одбраната и за одбраната, како и за противпожарните служби, за поддршка на долгорочно невработени лица….
Во Предлог-буџетот за 2027 година вкупните приходи се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари, што е 5,7 отсто повеќе во споредба со 2026 година, а вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари, што е за 4,8 отсто во споредба со 2026 година.
Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5 отсто од БДП, и е во согласност со фискалната стратегија за периодот 2027 – 2031 година.
За капитални расходи се планирани 40,8 милијарди денари. Даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, што претставува раст од 6,4 проценти. За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари, што е зголемување за 4,1 проценти, од кои 123,8 милијарди денари за исплата на пензии или раст за 4,8 проценти во согласност со законското усогласување.

