Отворено предавање за предизвиците на родителството и научна работилница за деца ќе се одржат денеска во рамки на иницијативата „Заедно знаеме повеќе“, во организација на Скопје Сити Мол и во соработка со киното Синеплекс.
Во киното Синеплекс, со почеток во 12 часот, експертот за ран детски развој Драган Даскаловски ќе го одржи предавањето „Мало дете, големи очекувања“, наменето за родители на деца до петгодишна возраст.
На предавањето ќе бидат отворени теми поврзани со родителските очекувања, поставувањето граници, улогата на играта во развојот на детето и дилемите со кои се соочуваат родителите во секојдневното воспитување.
Паралелно, на вториот кат во Скопје Сити Мол ќе се одржи научната работилница „Кој каде припаѓа? Разновидноста во растителниот свет“, наменета за деца на возраст од шест години и постари. Работилницата ќе се реализира во два термини – од 11 до 12:30 часот и од 12:30 до 13:30 часот, под менторство на Ангела Шаровиќ Иванова.
Учесниците ќе имаат можност преку практични активности и набљудување со лупа, бинокулар и микроскоп да се запознаат со различни групи растенија, како и со нивните карактеристики и особености.

