Реклама
Македонија

Пратениците да си дојдат утре пешки, ние ќе работиме, синдикатите ќе си протестираат, кажа спикерот Гаши

Подготовките за втората рунда од стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД влегуваат…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Подготовките за втората рунда од стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД влегуваат во завршна фаза -сигнал за засилена дипломатска активност меѓу Скопје и Вашингтон.

Пораките доаѓаат по посетата на собранискиот спикер Африм Гаши на Соединетите Американски Држави, каде што учествуваше на традиционалниот Молитвен појадок и оствари средби во Стејт департментот. За текот на разговорите информираше на денешниот неделен брифинг со новинарите.

„Особено беше важна посетата на Стејт департментот каде што разговараме за продолжување на Стратешкито договор со САД. Веќе се во финална фаза подготовките за втората рунда на дијалогот за стратешко партнерство со САД. Исто така, во финална фаза е и економскиот договор меѓу САД и нашата држава во однос на тарифите, економските релации што ги имаме. Така да, многу успешни средби и мислам дека оваа посета беше за доброто на државата и на граѓаните. Мислам дека направивме добра посета и дека ефектите ќе бидат позитивни“, вели Африм Гаши, претседател на Собранието на Македонија.

Реклама

Најавите за нова рунда стратешки дијалог и финализирање на економски договор сигнализираат засилена дипломатска динамика меѓу Скопје и Вашингтон – во време кога глобалните безбедносни и политички предизвици повторно го зголемуваат значењето на стабилните меѓународни партнерства.

Гаши информираше дека од американските претставници побарал поддршка и за евроинтеграцискиот процес, посочувајќи дека на Македонија се гледа како на позитивен пример и држава што треба што поскоро да ги започне преговорите за членство во Европската Унија. Побарана била и помош во комуникацијата со соседите, но и со клучните европски партнери како Германија, Франција, Холандија и Шведска.

Поддршката од Вашингтон традиционално се смета за значаен дипломатски капитал за земјите од регионот во процесот на приближување кон Европската Унија, особено во периоди на неизвесност во евроинтеграциите.

Стратешката соработка со САД со години претставува еден од клучните столбови на македонската надворешна политика – во делот на безбедноста, реформите и евроатлантската ориентација на државата.

Декларацијата за стратешко партнерство меѓу Македонија и САД, потпишана во Вашингтон во 2008 година од тогашниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и американската државна секретарка Кондолиза Рајс, се смета за клучен документ што ги постави темелите на билатералните односи меѓу двете земји.