Пратеничката Благица Ласовска, шеф на Делегацијата на Собранието на Македонија во Парламентарното собрание на Организацијата за црноморска економска соработка (ПАБСЕК), која учествуваше на 67. седница на Комисијата за правни прашања и меѓународна соработка, која се одржа во Букурешт, Романија, е избрана за известувач за следната 68. седница на комисијата, за темата „Парламентарна поддршка за иновации: законодавни пристапи за унапредување на науката и технологијата во регионот на БСЕК“.
Како што информираат од собраниската прес-служба, на седницата членовите на Комисијата разговарале за извештајот на тема „Правни димензии на дигиталното управување и иновациите во регионот на Црноморската економска соработка“. Во рамки на дискусијата билр разгледани предизвиците и можностите поврзани со развојот на дигиталното управување, потребата од усогласување на законодавствата со меѓународните и европските стандарди, како и улогата на парламентите во креирањето и надзорот на правната рамка што ја регулира дигиталната трансформација.
Членовите на Комисијата ја истакнале важноста од зајакнување на институционалните механизми за заштита на личните податоци, кибербезбедноста и транспарентноста во користењето на новите технологии во јавната администрација. По разгледувањето на извештајот, Комисијата ја усвоила и нацрт-препораката која ќе биде доставена на разгледување на Генералното собрание на ПАБСЕК.


Во своето обраќање, Ласовска нагласила дека темата за дигиталното управување е од особено значење за нашата држава, имајќи предвид дека дигиталната трансформација е тесно поврзана со реформските процеси и со стратешката цел за членство во Европската Унија.
Таа посочила дека државата во изминатите години усвоила повеќе закони со кои се поставуваат темелите на современа правна рамка за е-управување, вклучително и законски решенија за електронски документи, електронска идентификација и заштита на личните податоци.
Ласовска истакнала дека дигитализацијата на јавната администрација претставува приоритет во реформската агенда на земјата и дека Собранието активно ја следи и поддржува имплементацијата на овие политики преку законодавната и надзорната функција. Таа нагласила дека, и покрај постигнатиот напредок во развојот на дигиталната инфраструктура и услугите, неопходно е да се вложуваат дополнителни напори за унапредување на дигиталните вештини кај населението и за обезбедување еднаков пристап до дигиталните услуги за сите граѓани.
Во својата дискусија, Ласовска ја потенцирала и потребата од засилена регионална соработка, имајќи предвид дека предизвиците поврзани со кибербезбедноста, протокот на податоци и новите технологии ги надминуваат националните граници.
Таа оценила дека ПАБСЕК може да одигра значајна улога во усогласувањето на правните рамки на земјите членки со европските и меѓународните стандарди, како и во размената на добри практики меѓу парламентите.
На крајот од своето излагање, Ласовска истакнала дека дигиталната трансформација мора да се темели на принципите на транспарентност, отчетност, инклузивност и почитување на основните права, нагласувајќи дека само на тој начин може да се изгради доверба кај граѓаните и да се обезбеди одржлив развој на дигиталното управување.
