Контроверзната директорка на токсикологија Бесија Иљази заработи обвинение за злоупотреба на службената положба. Во време на нејзиното директорување – ја оштетила касата на Клиниката за околу 10.000 евра, вработувала луѓе со лажни договори и им исплаќала пари.
Истрагата на ОЈО покажала дека Иљази, во период од неколку месеци, склучила договори за дело со 17 лица, меѓу кои и со лица кои не работеле на клиниката. Потоа, ретроактивно, издавала платни налози и им исплаќала месечен надомест за наводно извршени работни задачи. Вкупната штета за клиниката се проценува на над 650.000 денари.
“Обвинетата, во својство на организациски директор на јавна здравствена установа ги пречекорила своите службени овластувања со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица.Во мај годинава склучувала договори за дело со лицата за нивно работно ангажирање на Клиниката, по што издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман. На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи” – велат од ОЈО.

Дека Иљази не работела законски, покажаа и контролите на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој укажаа дека лица на кои им завршиле договорите не смеат да одат на работа, но и дека нивен повторен ангажман не може со потпис само на еден менаџер, не беше пречка за екс организацискиот директор да им потпише договори меѓу кои и на болничар кој сакал урина со наркотици да биде заменета со чист примерок и да фалсификува токсиколошки резултат.
И покрај овие скандалозни наоди против нејзиното работење, екс министерот за здравство, Илир Демири не ја разреши Иљази.
Скандалот на Клиниката за токсикологија изби во март.Откако вработените на оваа установа алармираа за проблемите со тогашната економска директорка Иљази. Тие се пожалија дека не наишле на никаква соработка со неа, затоа што не зборувала македонски јазик. А на работа често доаѓала со својот татко кој бил како нејзино обезбедување.
Инаку, новата Влада,пред еден месец ги разреши економските директори во јавното здравство Со законски измени се укина постоењето на организациските менаџери во здравството. За нивните плати годишно се трошеа повеќе од половина милион евра. Со груба пресметка ако во просек еден организациски менаџер земал плата по 1.500 евра, а такви се околу 100 функционери месечно од државната каса се прелеваа најмалку 150.000 евра.
