Реклама

Кристијан и Сара не се соочија во судница – судењето одложено за 1 декември

И Бугари во Устав би можеле да се бадијала: Во пристапните преговори може да има изненадувања што не се предвидени

Казните од „Сејф Сити“ ќе може да се плаќаат преку апликација од следната недела, системот стартува во Струмица и Штип, па во Битола

Пратенички прашања: Македонија пример за Европа и со пофалби од Брисел, ама критикувана од Филипче во Скопје

Два милиони кубни метри отпад го загрозуваат Охрид – општината работи на изработка на техничка документација

Над 2 милиони евра финансиските друштва треба да вратат на граѓаните, низа неправилности утврди „ДПИ“

Мицкоски ја прошири понудата за студентите: „М картичка“ за повеќе привилегии и поволности и надвор од учебната година

Македонија го заврши техничкиот дијалог за „Роаминг како дома“

Тилев за Алфа: Дополнителните пари од ЕУ се признание за спроведените реформи, но и поттик тие да продолжат

Стратегија за туризам 2027 – 2032, развој надвор од Скопје и познатите туристички центри

Македонија чекор поблиску до единствениот енергетски европски пазар – целосна интеграција можна во 2027-ма година

Мицкоски по Самитот ЕУ – Западен Балкан: Доста е од билатерализација, да зборуваме за заслуги, се бориме за нашите аргументи

Македонија

Панел-дискусија во Куманово во рамките на кампањата „16 дена активизам против насилството врз жените“: Потребна е координирана заштита, поддршка и превенција

Во рамките на кампањата „16 дена активизам против насилството врз жените“, Унијата…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Во рамките на кампањата „16 дена активизам против насилството врз жените“, Унијата на жените при Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Куманово организира панел-дискусија посветена на превенцијата и борбата против насилството врз жените.

На дискусијата учествуваа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски – министерот за труд и социјална политика – Ѓоко Велковски, државната секретарка во Министерството за образование и наука и генерален секретар на Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ – Елена Ивановска, психијатарката д-р Адријана Богдановска-Тоскиќ и Александра Величковиќ – психолог и семеен психотерапевт од советувалиштето за жртви на семејно и родово базирано насилство при невладиниот сектор „Мајка“.

Панелистите ја потенцираа потребата од поголема поддршка за жените, правна помош и доследно постапување на институциите, но и за одговорноста на општеството да ги препознава и пријавува сите облици на насилство.

Реклама

Претседателката на Унијата на жените, Марија Митева, рече дека е неопходно отворено да се зборува за насилството потенцирајќи дека тоа има повеќе форми и не се ограничува само на физичкото поради што е важно жртвите да добијат можност навремено да побараат помош и заштита. Како конкретна активност, Унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ најави иницијатива за телефонска линија и бесплатна правна помош за жртвите, со вклучување правници кои ќе помагаат во информирањето за правата и постапките за нивна заштита. Митева посочи дека кампањата првпат е почната со вклучување на сите партиски структури и со поддршка од претседателот на партијата Христијан Мицкоски.

– Целта е да се упати порака дека жените жртви на насилство не се оставени самите на себе, има кој да ги слушне и реагира – рече Марија Живачки од Унијата на жените од Куманово.

Министерот Велковски посочи дека во изминатите 11 месеци се регистрирани повеќе од 2.700 пријави за семејно насилство и дека станува збор за најголема бројка во изминатите години, при што декември сè уште не е опфатен во годишната статистика. Тој оцени дека зголемувањето на бројот на пријави се должи и на зајакнатата јавна свест и охрабрувањето на жртвите да проговорат за насилството.

Некои од жените, како што посочи, претходно го трпеле семејното насилство зад затворени врати, не пријавувале поради срам или затоа што не се чувствувале сигурни дека ќе добијат соодветна заштита. Тој порача дека институциите имаат обврска да продолжат со активностите и по завршувањето на кампањата најавувајќи нови превентивни активности, кампањи и системски решенија во рамките на надлежните министерства.

Тој ја истакна и соработката со граѓанските организации оценувајќи дека нивната улога е значајна во поддршката на жртвите и препознавањето на проблемот.

Министерот Тошковски рече дека потенцијалните жртви на семејно насилство ќе може да воспоставуваат видеоповици со ЦУК, а полициските службеници до средината на 2027 година ќе бидат опремени со телесни камери, кои ќе се користат во доказните постапки. Тој рече дека статистиката изминативе години е слична, но по направените законските измени, последнава година неколкукратно се зголемени пријавите.

– Фактот дека се зголемени бројките се должи на зголемените надлежности. Жртвите веќе не се оставени самите да ја водат постапката. При телесна повреда веднаш постапуваат МВР и ЈО. Треба уште да се работи, сите институции и оние што работат превентивно и оние што работат репресивно треба да се инволвираат – рече Тошковски.

Во однос на дигиталното насилство, тој посочи дека службениците се учат на нови вештини преку стратешките соработници, кривичните дела веќе се евидентираат, видливи се резултати и ќе придонесат и во однос на намалувањето на семејното насилство.

Иванвска од МОН рече дека училиштето, покрај образовната, има и важна заштитна улога бидејќи за децата претставува втора средина во која треба да се чувствуваат безбедно. – Насилството што детето го доживува во семејството може да се одрази врз неговото однесување во училишната средина преку повлекување, емоционални тешкотии или агресивност, што ја наметнува потребата наставниот кадар да биде обучен да ги препознава сигналите дека ученикот е изложен на ризик – рече Ивановска.

Според неа, превенцијата е клучна, а наставниците, педагозите и стручните служби треба да бидат особено внимателни кон промените во однесувањето на учениците. Таа нагласи дека семејството треба да биде функционална средина исполнета со љубов, емпатија и почит, а училиштето да обезбеди простор во кој децата ќе ги препознаваат и изразуваат емоциите, ќе ги почитуваат границите на другите и ќе научат да препознаваат неприфатливо однесување. Пријавувањето на насилството посочи дека е неопходен чекор, но и дека исто толку важно е училиштето да работи на превенција и да создаде услови во кои децата ќе знаат да ги препознаат насилството, сопствените емоции и границите на прифатливото однесување.

Поголемиот број пријави за насилство не мора да значи дека насилството во иста мера е зголемено, туку може да укажува и на поголема свесност кај жените, подготвеност да побараат помош и одлука да излезат од насилната средина, смета психијатарката Богдановска-Тоскиќ. Таа посочи дека психијатриската поддршка е важна откога жртвата ќе пријави насилство, особено за справување со психичките последици од преживеаните трауми. Пристапот, како што објасни, се приспособува на актуелната симптоматологија и потребите на секоја жена, со поставување дијагноза и обезбедување мултидисциплинарен третман.

Богдановска-Тоскиќ рече дека кај жените што подолго време трпеле насилство често постојат долготрајни обиди да се справат со насилникот, но и внатрешна борба со сопствените стравови, предрасуди и надеж дека ситуацијата ќе се промени. На нивната одлука да останат во насилната средина влијаат психолошки, социјални и културолошки фактори поради што, според неа, не може да се генерализира искуството на сите жртви.

Недостигот од безбедно сместување во Куманово е една од пречките со кои се соочуваат жените што сакаат да ја напуштат насилната средина. Александра Величковиќ од хуманитарното здружение „Мајка“ посочи дека во градот сè уште нема центар за згрижување жртви на семејно и родово базирано насилство поради што тие се упатуваат во други градови во државата. Таа укажа и на тоа дека сместувањето во шелтер-центар не е секогаш прв избор на жртвите бидејќи престојот може да значи прекин на работните обврски, а децата да мора да го прекинат редовното посетување на училиштето.

Величковиќ рече дека бројот на жени што бараат помош сè уште е мал во однос на пријавените случаи и реалните потреби. Целта, како што додаде, не е само да се охрабрат да пријават, туку да се запознаат со своите права, институциите на кои може да им се обратат и ресурсите што им се достапни. Здружението, посочи Величковиќ, бележи и успешни примери на жени што се охрабриле да пријават насилство или да ја напуштат насилната средина.

Панелистите порачаа дека фокусот треба да биде на отстранувањето на насилникот од насилната средина и обезбедување услови жртвата да продолжи со животот. Институциите треба да постапуваат, а сторителот да ја сноси одговорноста наместо жената да биде принудена да ги напушта домот, семејството и секојдневниот живот.

– Оттука, поддршката не завршува со пријавувањето на насилството. Таа подразбира правна заштита, соодветно институционално постапување и можност за згрижување во сигурна средина, вклучително и упатување во прифатен дом кога тоа е потребно – сметаат панелистите.