Реклама
Македонија

Освежување и зацврстување: ВМРО‑ДПМНЕ подготвена за идните предизвици

ВМРО-ДПМНЕ влегува во фаза на целосна консолидација и внатрешно зацврстување. Освежувањето на…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

ВМРО-ДПМНЕ влегува во фаза на целосна консолидација и внатрешно зацврстување. Освежувањето на партиското раководство носи комбинација од искуство и нова енергија. Политичките експерти немаат дилема дека новите членови на Извршниот комитет не се само промена на имиња, туку пресек на состојбите и почеток на ново поглавје.

Според аналитичарот Александар Ристевски, станува збор за фаза по која владејачката партија ќе биде пообединета и поодлучна од кога било досега.

„Гледаме ново освежување со неколку лица, едно од Битола – универзитетскиот професор Филип, тука е и директорот на Царина, како и уште неколку нови луѓе. Интересно е да се каже дека овој состав сега влегува во една генерациска рамка на плодни години и дека најголем дел од членовите на Извршниот комитет се на возраст од околу 35 до максимум 50 години. Истовремено, гледаме и лица кои имаат долг партиски багаж. Генерално, ова е еден искусен состав“, вели Ристевски

Реклама

Ристевски оценува дека именувањето на Драган Ковачки за нов генерален секретар, кој го наследува Ѓоргија Сајкоски, е потег што носи позитивни промени во партијата.

„Драган Ковачки, сметам, може да биде додадена вредност за самата структура на партијата. Зошто? Затоа што генералниот секретар не е човек кој треба непотребно или претерано да се експонира во јавноста. Тој е, всушност, оној што ги влече конците внатре во партијата“, изјави Ристевски.

По вчерашното заседание на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, беше укината функцијата потпретседател на партијата. Целта е сите кои претендираат да седнат на претседателското столче во 2029 година да имаат иста стартна позиција.

„Со тоа што четирите позиции за потпретседатели на партијата повеќе не постојат, сметам дека не станува збор ниту за зацврстување, ниту за ослабување, туку напротив – за давање форма на еднакви можности на наредните внатрепартиски избори и еднаква шанса за избор на нов претседател на политичкиот субјект“, изјави тој.

Досегашните потпретседатели остануваат во централното раководство, како и координаторот Никола Мицевски и неговата заменичка Дафина Стојаноска, пратениците Антонио Милошоски, Рашела Мизрахи и Ели Панова. Во составот остануваат и градоначалникот Кирил Пецаков, портпаролката Марија Митева и владиниот генерален секретар Игор Јанушев.

Извршниот комитет се зајакнува и со седум нови членови. Меѓу нив се директорот на Царинската управа Бобан Николовски, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски, пратеничката Драгана Бојковска, шефот на владината служба за општи и заеднички работи Ивица Томовски, Владимир Нелоски, министерот Стефан Андоновски и универзитетскиот професор Филип Поповски.

Во меѓувреме, распишан е и оглас за избор на нов претседател на Унијата на ветерани, Унијата на жени и Унијата на млади сили. Овие имиња, исто така, ќе бидат дел од новиот состав на Извршниот комитет.