– Џезот, фанкот, хип-хопот и традиционалната музика се спојуваат во „Holymood“, новиот албум на басистот и автор Џоле Максимовски, кој преку проектот „Maksimovski United“ нуди осум композиции без жанровски ограничувања и со силен личен печат.
„Holymood“ е најновото авторско издание на Џоле, создавано подолг временски период како музички мозаик од различни идеи, чувства и творечки фази. Според авторот, насловот не означува само албум, туку чувство во кое човекот се наоѓа кога го прави она што најмногу го исполнува. Максимовски вели дека музиката природно го води низ различни стилови и дека никогаш однапред не размислува за жанровските рамки.
Особено значење во создавањето на албумот имаат музичарите што учествуваат во него, а според него, звукот на „Holymood“ е резултат на заедничка креативност, доверба и долгогодишна соработка меѓу членовите на составот.

Како басист, тој вели дека секогаш ја гледал музиката како простор каде ритамот, мелодијата и хармонијата се поврзуваат во една целина, што се рефлектира и во неговиот авторски пристап во „Maksimovski United“.
Албумот носи и лична димензија бидејќи дел од композициите се создадени во период кога музичарите немале можност слободно да настапуваат и да комуницираат со публиката, што дополнително влијаело врз неговата емотивна атмосфера.
– Музиката лекува, нè носи во подобар свет. Свирењето ни создава нови вијуги, го лекува немирот, прави мир или обратно – ако е многу мирно, го бранува езерото – вели Максимовски.
Концертната промоција на „Holymood“ ќе се одржи на 8 октомври во „Public Room“ во Скопје, каде публиката ќе може во живо да ги слушне композициите од албумот, како и неколку нови неиздадени дела.

