Kомпанијата „Оне Македонија телекомуникации“, во сопственост на унгарската фирма „Фор-ај-џи“ ќе биде новиот трет мрежен мобилен оператор. Таа е единствената компанија која достави понуда на тендерот на Агенцијата за електронски комуникации. Комисијата констатирала дека понудувачот доставил комплетна документација. Оттаму велат дека постапката ќе продолжи согласно законските прописи, односно следи евалуација на документација, по што ќе се изготви извештај. Временска пречка ќе бидат локалните избори, па конечна одлука ќе се донесе по нивното завршување.
„Бидејќи има само еден понудувач нема да се оди со чекорот јавно наддавање. Тука би требало да заврши процесот и доколку е се во ред би требало да се донесе позитивна одлука за влез на пазарот“ – Комисија за спроведување тендер.
Вицепремиерот Александар Николоски е задоволен од тоа како течеше овој процес. Очекува до крајот на следната 2026-та година новиот оператор да почне со работа.

„Од прв ден кога бев избран на функцијата кажав дека на македонскиот пазар има дуопол помеѓу двата мобилини опеатори и тоа е факт кога ќе видите поделба на пазарот 51 и 49. Се е јасно, во однос на квалитетот и на цените мислам дека граѓаните доволно кажуваат, така што конкуренцијата е здрава и добра. Од АЕК кажаа дека имаат одредени ограничувања поврзани со изборите, но изборите ќе завршат за два месеца, процедурата ќе си продолжи. Согласно тендерските правила веќе на крајот на следната година треба да работи новиот оператор, што значи дека му се дава една година да се опреми, со базни станици, итн, и веќе во следната година ќе можеме да имаме мобилни телефони и со трет оператор во државата“ – вели Александар Николоски, Вицепремиер и министер за транспорт.
Николоски истакна дека во повеќе наврати изразил негодување од слабата конкуренција на пазарот на мобилна телефонија. Двата играчи на пазарот, Телеком и А1 Македонија веќе некое време целосно го контролираат пазарот. Тој смета дека влезот на нова компанија ќе ја зголеми конкуренцијата, ќе ги подобри услугите и ќе ги намали цените.
„Јас во една прилика кажав, дали ќе влезе или не трет мобилен оператор во државава, еве влегува, зависи само од постојните два оператори. За жал во овие година и нешто ништо не направија ниту да ги подобрат услугите ниту да ги намалат цените“ – рече Николоски.
АЕК може да издаде лиценца на 8 или на 12 години. Почетните цени на лиценците се движат минимум од над 2 милиони до над 4 милиони евра.
И покрај тоа што само „Оне Македонија Телекомуникации“ на „4ИГ“ официјално достави понуда, заинтересирани за влез на пазарот беа и Е& PPF Telekom Grup групација која е активна во Бугарија, Словачка, Унгарија и Србија и третиот, БИТСРИМ Мобајл, македонска фирма за телекомуникациски и интернет услуги, која, според достапните информации, во моментов нема ниту еден вработен, ниту било какви приходи.Тие се откажаа од натамошната трка.
Инаку во моментов, Македонија и Косово имаат најскапи мобилни услуги на Балканот. Согласно најновиот квартален извештај на АЕК, најголем удел имаат двата мрежни оператори, А1 Македонија со 47,69% и Македонски Телеком со 46,66%. Удел од 3,38 проценти има М-ТЕЛ, по што следуваат другите виртуелни мобилни оператори.

