Позитивни очекувања за поевтинување на горивата од понеделник. Премиерот Мицкоски е оптимист дека од следниот вторник цените на нафтените деривати ќе одат надолу. Тоа го покажувале промените на цената на нафтата на светските берзи во последната недела. Тој вели дека повеќе информации ќе има по завршувањето на тргувањето оваа недела. Ако во понеделникот цената на нафтата од типот бренд се продаваше 108 долари за барел во моментов таа се продава за нешто над 100 долари по барел.
„Денеска на крај на ден ќе имаме повеќе информации, јас очекувам според ова што гледам последниве два до три дена, во понеделник да имаме поефтинување“– вели претседателот на владата, Христијан Мицкоски.
Министерката за енергетика Сања Божиновска вели дека ќе се преговара со снабдувачот ОКТА за продолжување на попустот ако за тоа има потреба. Сегашниот договор предвидува попуст од 2 денари за бензините односно 3 денари за дизелот заклучно со 18ти мај. Во врска со информациите за реекспорт на нафтени деривати надвор од Македонија по ниски цени поради мерките и попустот на ОКТА надлежните сеуште вршат проверки.

„Ние како што знаете сме трети според мерките, нашите мерки моментално се до 18ти мај, што значи дека следната недела ќе видиме што ќе се случува со цените, со берзата, со војната и неколку дена пред истекот на овој рок ќе видиме до каде сме со цените и секако дека ако е потребно ние ќе преговараме и правиме се за интерес на нашите граѓани.“– вели министерката за енергетика, Сања Божиновска.
Македонија се најде на третото место според Меѓународниот Монетарен Фонд според обемот на превземените мерки за помош на граѓаните и стопанството. Тие придонесоа и два ипол месеци по стартот на кризата на Блискиот исток, Македонија да има најефтини горива во регионот. Во Македонија бензините се продаваат за 1,37 евра по литар, а дизелот за 1,5 евра за литар. Бензините во Босна и Херцеговина се нешто поскапи од нашите, додека дизелот се продава за 0,3 евра поскапо. Убедливо најскапи нафтени деривати имаат Албанија и Грција каде што цените на горивата надминуваат 2 евра по литар.
