Во Основното училиште „Ацо Шопов“ во Радишани се доградени четири нови училници и се обезбедени просторни услови за едносменска настава на учениците од прво до трето одделение. Доградениот дел на училиштето, со кој се добиени дополнителни 400 квадратни метри површина, денеска беше официјално пуштено во употреба со посетата на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за образование и наука Весна Јаневска, придружени од градоначалникот на општина Бутел, Дарко Костовски.
-Во рамките на тие проекти е и овој проект и уште многу други проекти, повеќе од 1200 проекти се реализираат како резултат на програмата, со која децентрализиравме средства од централниот буџет кон општините. Бидејќи даде ефект, размислуваме сево ова да го продолжиме и во годините што следуваат, се разбира во зависност од расположливоста на буџетските средства – изјави Мицкоски.

Тој истакна дека со проектот децата добиваат современи услови за да стекнуваат знаење, а Владата, како што рече, ќе продолжи да го реализира тоа што е ветено. Му честита на градоначалникот за посветената работа во општина Бутел, на советниците од кои има поддршка, како и на Министерството за образование и наука за реализацијата на овој проект.
Министерката Јаневска изјави дека со новиот капацитет во ова основно училиште се обезбедува дневен престој, што е, рече, една од предностите на едносменското работење.
-Тоа беше владина политика и ние ја остваруваме – од 1023 основни училишта, над 60 проценти веќе работат во една смена. Дел од нив целосно, дел од нив делумно, како што ќе биде и во ова училиште, каде што во една смена ќе учат стотина ученици. Со заложба на Владата и на МОН, во иднина планираме уште 21 училиште да го подготвиме за работа во една смена – посочи Јаневска.

Градоначалникот на Бутел, Костовски, за медиумите изјави дека зафатот за доградба е вреден 36 милиони денари и дека со него „се решава горлив и децениски проблем на учениците и нивните родители“.
-Конечно се решава прсторниот проблем што го имаше ова училиште и учениците од прво до трето одделение сега одат само во прва смена. Исто така, се решава еден горлив проблем, а тоа беше да овозможиме да има целодневна настава за децата да може побезбедно да бидат згрижени кога родителите не може да се грижат за нив. Добиваме нови 400 квадратни метри површина, со нови ходници, четири нови училници, нови тоалети. Во ова училиште со одлична динамика се гради и затворен базен – рече Костовски.

