Рестарт на градежните работи на далекуводот од Битола до Ќафасан на границата со Албанија. По еднодециски застој, проектот за 400 киловолтниот далекувод почнува со реализација. Тој треба да финишира за 30 месеци или кон крајот на 2028-мата година. Проектот е во вредност од околу 19,7 милиони евра. Финансирањето е обезбедено преку заем и грантови од Европската банка за обнова и развој и европските фондови. Новата конекција ќе ја зајакне отпорноста на преносната мрежа, ќе го намали ризикот од прекини и ценовни шокови и ќе создаде можности за приклучување на нови капацитети за производство на струја од обновливи извори.
Премиерот Мицкоски објасни дека обидот за енергетско поврзување меѓу Македонија и Албанија во должина од 100 километри постои уште од 2015-та година, но градежните работи не се одвивале со предвидената динамика. Според него, со стартот со работа на новиот изведувач, далекуводот конечно ќе биде завршен во предвидените рокови. За Мицкоски бројните обиди за преговарања , пролонгирања и обиди за промени во цена завршиле со неуспех, по што сега стартува изградбата.
„За првпат нашата држава станува целосно поврзана со сите соседни системи. Ова значи повеќе сигурност за граѓаните, повеќе стабилност за стопанството и крај на изолацијата. Македонија веќе нема да биде на периферијата на енергетските текови, туку во нивниот центар“ – вели Мицкоски.

Преносниот оператор МЕПСО го раскина договорот со претходниот изведувач Енергоинвест од Босна и Херцеговина поради неисполнување на обврските, кој иако го немал потребниот капацитет да ги изврши работите, побарал 5 милиони евра повеќе пари за материјали. Новиот изведувач, конзорциум предводен од компанијата Далековод од Хрватска ќе искористи половина од потребната опрема, која веќе била испорачана од босанската компанија. Со изградбата на далекуводот од Битола до Ќафасан, а оттаму до Елбасан во Албанија се заокружува последната отворена точка во преносната мрежа и се подобрува енергетската стабилност на Македонија.
