До крајот на следната година би можело да се реализира железничкото поврзување меѓу Скопје и Приштина, откако Косово ќе ги заврши работите на својата железничка инфраструктура, најавува заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.
– За Скопје–Приштина, ние имаме железничко поврзување, од страна на Косово се работи модернизација, има уште еден тунел којшто треба да се заврши. Јас одржав две средби со министерот за транспорт во изминатите месец дена, така што кога ќе го завршат нивниот дел, ќе може да функционира возот – вели Николоски.
Посочува дека најголем дел од трасата на македонска територија ќе биде дел од идното проширување на градскиот воз во Скопје.
– Ние сега ја пуштивме првата траса од Зелениково до Нова железничка, втората траса треба да биде од Нова железничка до Волково и Ѓорче Петров и третата треба да биде од Нова железничка до Илинден и Агино село, рече министерот.
Според Николоски, железничкото поврзување со Приштина би можело да има значаен ефект и врз сообраќајот и намалување на аерозагадувањето во Скопје.
– Во моментов 30% од возилата во Скопје доаѓаат од запад, 30% доаѓаат од исток, и останатите некаде околу 40% доаѓаат од север. Има доста дневна миграција, преку 10.000 возила одат дневно кон и од Косово, и доколку успееме да ги натераме да се качат во воз и за точно 50 минути од центарот на Приштина да стигнат до центарот на Скопје, сум убеден дека ќе влијае на намалување на загадувањето на Скопје, истакна Николоски.
Додаде дека за реализација на железничкото поврзување Скопје–Приштина на македонска страна ќе бидат потребни околу 4 до 6 месеци по завршувањето на работите во Косово, а очекувањето е линијата да може да функционира до крајот на следната година.

