Реклама
Прилози

Николоски: Францускиот претседател е неспорно лидер на Европа, а средбата говори и за личниот авторитет на премиерот

Расте поддршката од европските лидери за Македонија. Париз ќе стои рамо до…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Расте поддршката од европските лидери за Македонија. Париз ќе стои рамо до рамо до Скопје за време на целиот евроинтегративниот процес. Пораката на шефот на Франција е уште еден поттик и подадена рака за земјава да продолжи по патот кон ЕУ, но и показател за заложбата на власта да го исполни европскиот сон.

Вицепремиерот Александар Николоски е дециден дека средбата Мицкоски-Макрон во Будимпешта, за време на самитот на Европската политичка заедница говори за авторитетот на македонскиот премиер. Со оглед на тоа што Макрон е една од најмоќните политички фигури во Европа, од големо значење е пораката, смета Николоски, дека Франција ќе ги поддржи сите напори на Македонија на патот кон ЕУ, во согласност со нејзините меѓународни обврски.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера во Будмпешта на самитот на Европската политичка заедница имаше многу значајна средба со претседателот на Франција Емануел Макрон, којшто во моментов практично станува лидер на Европа, имајќи предвид дека Владата во Германија е пред пад и дека извесно е дека не подоцна од март 2025 година таму ќе има избори, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при посета на Штип, одговарајќи на новинарски прашања. -Макрон во моментов неспорно е лидер на Европа, политичар којшто има највисока поддршка и најстабилен мандат во рамки на ЕУ од сите големи земји-членки и на конференција којашто трае само еден ден, да одвои толку време за да се сретне со премиерот на Македонија, мислам дека многу говори и за личниот авторитет што го има премиерот Мицкоски и за угледот што го ужива Македонија, оцени Николоски.

Реклама

На маргините на петтиот Самит на европската политичка заедница во Будимпешта премиерот Христијан Мицкоски оствари повеќе билатерални состаноци, на кои станало збор за деблокада на евроинтеграциите. Премиерот е дециден дека власта ќе направи сè како држава за да ги одбрани националните интереси. Тој рече дека пред европските партнери ги презентирал гледиштата за економскиот раст на земјата, но и за европската перспектива.

Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и за вистината. Ќе дадеме се од себе да ги зачуваме државните и националните интереси. Како Влада ќе продолжиме да се бориме и во неделите, месеците и годините коишто следат. Мора да успееме. Мора да бидеме таму каде што заслужуваме, а тоа е успешна, европска приказна. Нашето место е во рамките на ЕУ, рече Мицкоски.

Во меѓувреме, стигна став и од Елисејската палата – Мицкоски и Макрон се согласиле за важноста од продлабочување на односите меѓу Франција и  Македонија. Макрон ја потврдил поддршката на Париз за европската траекторија на Скопје.

Инаку, на Самитот на европската политичка заедница во Будимпешта европските лидери ја нагласија важноста за безбедноста и стратешката автономија, и беа испратени пораки дека Европа мора да гради сопствени капацитети за заштита на суверенитетот и стабилноста.

Адријана Алексиеска