Реклама
Прилози

Николоски: до крајот на 2029 ќе се вози по автопатот Гостивар–Букочани, експропријацијата е завршена 90%

Градежната офанзива на Коридорот 8 веќе се гледа на терен. На делницата…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Градежната офанзива на Коридорот 8 веќе се гледа на терен. На делницата Гостивар–Букојчани машините работат со засилено темпо, а една од најтешките автопатски траси во земјава постепено добива јасна форма.

Станува збор за автопатска делница долга околу 31 километар, која минува низ сложен ридско-планински појас и неколку населени места во полошкиот регион. Токму теренот и обемната експропријација ја рангираат оваа секција меѓу најпредизвикувачките во рамки на Коридорот 8.

Паралелно со градежните активности, институциите го заокружуваат и административниот дел од проектот. Од Министерството за транспорт велат дека се затвора најчувствителниот сегмент — експропријацијата, процес што директно ја диктира динамиката на терен. Според вицепремиерот и министер проектот треба да биде завршен до крајот на 2029 година.

Реклама

„Обврските што ги имаше државата се скоро завршени. Околу деведесет проценти од експропријацијата е завршена, а другото ќе биде завршено во следните месеци. Сега останува компаниите да ја завршат својата работа.“, вели Николоски.

Од Владата порачуваат дека Коридорот 8 останува меѓу врвните инфраструктурни приоритети, со очекување проектот да донесе директни економски ефекти и подобра регионална поврзаност.

Фокусот, велат, е на испорака на терен и одржување стабилна динамика на изведбата.

„Оваа влада е целосно посветена на изградба на ваков тип на инфраструктура. Очекувам овој проект да додаде вредност во животите на граѓаните, но истовремено да ја подобри логистиката низ државата.“ , вели Мицкоски.

На повеќе точки веќе се работи паралелно. На терен се ангажирани стотици работници и тешка механизација, а дел од клучните објекти — меѓу нив и висок вијадукт — се во напредна фаза на изведба.

„Во должина е околу триесет и еден километар. Веќе се работи на единаесет и нешто километри. Присутни се околу шестотини вработени на оваа делница и повеќе од петстотини градежни машини работат во моментов. Ова е една од најсложените и најтешките делници што ја реализираме досега.“ – рече Трајановски.

Коридорот 8 се позиционира како важна источна-западна врска во регионот, со потенцијал значително да го забрза транспортот, трговијата и туристичкиот проток кон југозападот.

Според надлежните, времето на патување од Скопје до Охрид би се скратило од сегашните три до три и пол часа на околу час и половина.

Проектот внимателно го следат и меѓународните партнери.

„Коридорот 8 ќе ја трансформира економската иднина на Северна Македонија преку поврзување на Истокот и Западот, олеснување на трговијата и создавање можности за граѓаните. Тој претставува стратешки ресурс што ќе овозможи брзо движење на персонал и опрема, зајакнувајќи ја нашата колективна одбрана и регионалната стабилност.“ посочуваат од амбасадата на САД во Македонија.

Со засилена механизација на терен и најавена интензивна градежна сезона, Коридорот 8 постепено се профилира како една од клучните транспортни артерии што треба да ја редефинира патната мапа на земјата.