Под мотото „Правиме ПРОстор за МАкедонска идеЈА“, или скратено „Правиме промаја“, денеска свечено ќе биде отворена петтата, јубилејна конференција „Наука за деца“, во организација на Фондацијата „Кантарот“. Годинашното издание е посветено на македонската наука, нејзините достигнувања и потенцијалот на домашните научници, истражувачи и млади таленти.
Конференцијата има цел да ги доближи научните приказни до децата, да ги инспирира да истражуваат и да им покаже дека големите научни идеи може да потекнат и од Македонија.
Посебен акцент на свеченото отворање ќе биде ставен на предавањата на стипендистите кои своите истражувања ги развиваат во соработка со реномирани македонски научници. Нивни ментори се истакнати научници со меѓународна кариера: проф. Светлана Мојсов, проф. Панче Наумов, проф. Петар Поповски и проф. Христијан Ѓорески.
Во рамките на свеченоста ќе бидат доделени и две признанија – наградата „Иван Ќостаров“ за извонреден научен потенцијал и наградата „Колега Стиков“ за најдобар млад презентер. Со нив се препознаваат и поттикнуваат љубопитноста, посветеноста, истражувачкиот дух и способноста на младите да ги споделуваат своите идеи.
Вториот ден од конференцијата, утре, 7 ноември, ќе биде посветен на научни активности и интерактивни работилници за децата, кои преку практично искуство, истражување и креативност ќе имаат можност да ја доживеат науката на поинаков начин.
– Нашата цел не е само да им ја доближиме науката на децата, туку да им помогнеме да се препознаат себеси како нејзини идни создавачи. Македонија има извонредни научници, поединци што работат на врвни истражувања и постигнуваат резултати на светско ниво. Сакаме нивните приказни да станат видливи и овде, дома, и да покажеме дека научната кариера не е нешто далечно или недостижно. Кога на едно дете ќе му дадете можност, поддршка и вистински ментор, ќе го поттикнете на критичко размислување и љубопитност како основа за учење и напредок, можете да му отворите сосема нов свет, истакнува Никола Стиков, коосновач на Фондацијата „Кантарот“.
Особено важна, според организаторите, е и заложбата за вклучување на децата од руралните средини преку научните каравани и активности со кои науката се носи директно во училиштата, но и преку обезбедување можности овие деца да учествуваат на настани како конференцијата во Скопје.

