Премиерот Мицкоски најавува поевтини горива за два и пол денари по литар. Компанијата ОКТА им дава попуст на фирмите кои купуваат од неа во висина од 2 денари за литар. Тоа значи дека откако дизелот поскапе за 14 и пол денари по литар, сега ќе се продава за 1,35 евра, што е најевтино во регионот.
„Разговарав и со голем дел од сопствениците на бензинските пумпи кои што рекоа дека тоа ќе го пренесат на крајните корисници. Така што, бидејќи РКЕ ја одредува највисоката цена, очекувам откако ова ќе биде објавено, во текот на денот да се намалат нафтените деривати за 2,5 денари“ – вели Христијан Мицкоски – претседател на Влада.
Од ОКТА велат дека се одлучиле на овој потег да им помогнат на граѓаните и фирмите, свесни за влошената состојба на пазарот со нафтени деривати. Активирањето на нафтоводот Вардакс пред една недела по пауза од 12 години, ја подобрил стабилноста и обезбедил контиуитет во снабдувањето. Освен задолжителните резерви кои нафтените компании треба да ги имаат за најмалку 5 дена, од ОКТА велат дека поседуваат многу повеќе.

Снабдувањето е стабилно, а компаниите имаат залихи – уверува министерката за енергетика. Ако кризата продолжи , ќе има мерки. Божиновска вели дека одлуката на Регулаторна да определува цени исклучиво во понеделник, а не по потреба, не била на штета на граѓаните. Исто така ги повика и трговците да бидат одговорни во ваква ситуација и им порача дека можат и тие да ги намалат маржите за продажба на горива, за да поевтинат дополнително за крајните потрошувачи. Посочи дека сите остварувале екстра профити.
Во понеделникот непосредно пред поскапувањата на горивата бил забележан највисок пик на дотур на нафта во Македонија. За еден ден се наточиле 2 милиони литри. Цената на брент нафтата во моментов изнесува над 99 долари за барел на светските берзи. Државите активираат мерки на глобално ниво. Американското Министерство за финансии издаде 30-дневна лиценца, со која до 11-ти април се дозволува испорака и продажба на руска нафта и деривати, што веќе се натоварени на танкери. Меѓународната агенција за енергија пак ќе ослободи 400 милиони барели нафта од своите резерви, што е најголема количина досега во историјата, а која треба да придонесе за пад на цените.
