Министерството за внатрешни работи апелира до граѓаните, а особено до сопствениците и операторите на дронови, за доследно почитување на правилата за безбедно користење на воздушниот простор.
Од МВР посочуваат дека поради зголемениот обем на летачки активности на Одделот за воздухопловни единици, како и интензивниот ангажман на хеликоптерите на МВР во активности за гаснење пожари, извидување, транспорт и други оперативни задачи на целата територија на државата, потребно е доследно почитување на правилата за безбедно користење на воздушниот простор.
– Поради природата и итноста на задачите, местото, времето и маршрутата на движење на полициските хеликоптери не секогаш може однапред да бидат предвидени, особено при интервенции поврзани со пожари и други итни настани. Од тие причини, МВР упатува сериозен апел и предупредување: лицата кои не ги исполнуваат законските услови за управување со беспилотни воздухоплови – дронови и немаат соодветни одобренија, регистрации или сертификати кога тие се задолжителни, да не вршат операции со дронови спротивно на важечките прописи, се наведува во соопштението од МВР.

Операторите кои ги исполнуваат пропишаните услови, како што велат од МВР, се должни операциите да ги вршат исклучиво во согласност со важечките воздухопловни прописи, ограничувањата на воздушниот простор и условите утврдени од надлежните воздухопловни органи, вклучително и потребните најави и координација со надлежните служби за контрола на летањето, кога тоа е пропишано.
Доколку оператор на дрон забележи или слушне полициски хеликоптер во близина, должен е веднаш и без одлагање безбедно да го приземји дронот.
-Во ниту еден случај не смее да се управува со дрон во насока кон хеликоптер, да се приближува до него, да се следи неговото движење или да се снима од непосредна близина, истакнуваат од МВР.
Особено нагласуваат дека присуството на дрон во зоната во која дејствува хеликоптер претставува сериозна опасност за безбедноста на летот. Судир на дрон со хеликоптер може да предизвика сериозно оштетување, губење на контрола над воздухопловот и директно загрозување на животот на екипажот, како и на лицата и имотот на земја.
-Ризикот е дополнително зголемен при операции за гасење пожари, кога хеликоптерите летаат на мали височини, во услови на чад, намалена видливост, турбуленција и високо работно оптоварување на екипажот, при што навремено забележување и избегнување на мал беспилотен воздухоплов – дрон може да биде исклучително тешко, велат од МВР.
Посочуваат дека појавата на дрон во оперативната зона може да доведе и до целосен прекин или одложување на летачките операции, со што директно се намалува ефикасноста на интервенцијата и дополнително се загрозуваат населението, пожарникарите, имотот и природните ресурси.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека ќе бидат преземени соодветни мерки за утврдување на идентитетот и одговорноста на лицата кои со незаконско или небезбедно управување со беспилотни воздухоплови ја загрозуваат безбедноста на воздушниот сообраќај и полициските воздухоплови.
За непочитување на законските обврски и за дејствија со кои се создава опасност за воздухоплов, екипаж или други лица, ќе се преземаат прекршочни и, кога се исполнети законските обележја, кривични мерки согласно важечките прописи. За слични вакви евидентирани случаи надлежните служби, како што посочуваат од МВР, веќе постапуваат во рамките на своите законски овластувања.
Од Министерството апелираат до сите граѓани и оператори на дронови да покажат максимална одговорност и дисциплина, нагласувајќи дека безбедноста на екипажите кои секојдневно се ангажирани во заштита на граѓаните и справување со пожарите мора да биде заедничка одговорност на сите.

