Реклама
Македонија

Муцунски за патот кон ЕУ: Бевме неправедно третирани и со двојни стандарди

20 години сме земја кандидат за влез во ЕУ – 20 години…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

20 години сме земја кандидат за влез во ЕУ – 20 години не сме ги започнале преговорите. Шефот на македонската дипломатија им порача на своите колеги од ЕУ  дека мора да се престане со билатерализација на пристапувањето кон Блокот. Од Варшава, каде учествува на неформален состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ и на државите кандидати порача дека дека ние сме најспецифичниот случај и години наназад бевме третирани неправедно и со двојни стандарди.

„Поминаа 20 години откако станавме земја-кандидатка, но тоа исто така значи дека поминаа 20 години откако не сме ги започнале преговорите за пристапување. Ако некој бил третиран, би рекол неправедно и со двојни стандарди, тоа е земјата што ја претставувам денес овде. Но, она што го видовме е обновен дух во рамките на ЕУ фокусиран на проширувањето. Она што треба да го видиме во пракса е затворање на она што јас го нарекувам јаз, јаз помеѓу создадените очекувања и реализацијата од другата страна, јаз што очигледно постои во овој момент“ вели Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.

Додека сме заглавени на патот кон ЕУ, поради рампата од Бугарија и барањата за уставни измени, Македонија е посветена на реформите, уверува Муцунски. Сепак, беше дециден во барањето дека Брисел мора да го испорача она што го вети. Неговите очекувања за јасна перспектива ги поврзува со очекувања за јасни решенија, не само на зборови туку и на дела.

Реклама

„Она што можам да ви го кажам, претставувајќи ја мојата нација, е дека ќе бидеме посветени на реформите. Ќе бидеме посветени на усогласување со законодавството на ЕУ, ќе бидеме посветени на реформите, што е составен дел од планот за развој. Но, на крајот на краиштата, очекуваме Бурсел, како и земјите-членки, да исполнат многу јасна обврска што беше преземена кон Западен Балкан пред многу, многу години. И таа обврска треба да значи проширување на терен, но исто така треба да значи конечно завршување на процесот на билатерализација на пристапните патишта на многу од земјите-членки што доаѓаат од Западен Балкан“ вели Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија.

На средбите во рамки на неформалното заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ, министрите разговара за предизвиците на европската надворешна и безбедносна политика.

Неформалните состаноци на Советот за надворешни работи, уште познати како „Гимних“ формат, се собири на кои министрите не носат никакви формални одлуки, туку само дискутираат и разменуваат мислења за иницијативи и одредени теми од нивна надлежност. Домаќини на собирот во Варшава се шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.