Од над 110 илјади сообраќајни прекршоци на само неколку илјади – за само месец и половина од тест-периодот, проектот „Безбеден град“ веќе дава резултати – уверува премиерот Христијан Мицкоски. Според него, бројките јасно покажуваат дека системот функционира и дека редот во сообраќајот се враќа. Очекувањата се дека со сејф сити ќе има драстично помалку прекршоци, помалку хаос на улиците и поголема безбедност за сите и за возачите и за пешаците.
„Јас вчера имав координативен состанок со раководството на МВР и со луѓето кои се одговорни за овој проект. Бројките во јануари се уште поохрабрувачки споредено со бројките од декември. Тоа значи имаме повеќе човечки животи спасени, помалку сообраќајни незгоди, помалку пациенти на траума и, на крајот од денот, побезбеден сообраќај. Така ако веќе го гледаме оној хуман аспект на самиот проект, јас сум навистина задоволен. И она што мене ме радува е ако од почетните денови кога имаше неколку десетици илјади сообраќајни прекршоци, во одредени денови на почеток имаше и повеќе од сто илјади, сега веќе се движиме на бројката две-три илјади на ден“, рече Мицкоски.
Откако ќе профункционира системот дополнително ќе се размислува дали ќе претрпи и други измени законот кој ги регулира прекршоците. По извесно време ќе се премине и на втора фаза од проектот да се прошири и на територија на другите градови во државата.

„Многу работи во текот на имплементацијата ќе почувствуваме дека недостасуваат. Никој веднаш кога го имплементирал овој проект не бил перфектен 100 отсто. Логично е во следните три до шест месеци да имаме одредени усогласувања. Но, исто така, она што, ќе повторам, мене ме прави среќен е што хуманиот аспект од овој проект ние го постигнавме, а тоа е помалку жртви како резултат на сообраќајни незгоди“, додаде Мицкоски.
Во меѓувреме, низ скопските булевари веќе се поставуваат табли дека сообраќајот е под видео надзор – дел од системот „Сејф сити“, кој треба целосно да стартува од 1 февруари.
Од МВР информираат дека системот „Безбеден град“ моментално функционира во Скопје, Куманово и Тетово. Камерите се веќе поставени и на Коридорите 8 и 10, каде што наскоро се очекува почеток на детекција на сообраќајни прекршоци.
За казнувањето да стане правосилно, потребни се измени на Законот за прекршоци со двотретинско мнозинство. На последната координација на пратеничките групи е постигната согласност ДУИ да ги поддржи измените, а нивното изгласување се очекува до крајот на месецот.
